Воздухопловен саем за млади утре на Школка во Градскиот парк во Скопје

Во Градскиот парк во Скопје, на локацијата Школка, утре, со почеток во 11 часот, ќе се одржи воздухопловно-едукативен саем за млади и ентузијасти заинтересирани за воздухопловство.

Настанот ќе биде место каде професионалци од различни сфери на авијацијата ќе бидат достапни за младите и ентузијастите да постават прашања со цел да им се олесни патот доколку се одлучат некоја од воздухопловните гранки да стане нивна професија.

Младите ќе можат да дознаат и за воздухопловните едукативни центри во регионот како и за постапките за стекнување професионални дозволи.

Skopje Air Fair е настан во организација на АВИКОН, Здружение за подобро воздухопловство, а поддржано од Град Скопје.