Младите денеска се запознаа со можностите за студирање во Франција

Француската амбасада, Францускиот институт во Скопје и Француската државна агенција за високо образование Кампус Франс од Париз се организатори на Саемот, а присутни се и претставници од француски државни универзитети, бизнис школи, специјализирана Школа за инженери и Универзитет за политички науки

Фото: МОН

Бројни млади во Национално и универзитеската библиотека „Св. Климент ОхридскИ“ во Скопје денеска имаа можност да се запознаат со можностите што ги нуди универзитетското образование во Франција. На настанот присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Неколку француски универзитети се високо рангирани на Шангајската листа на универзитети, што говори за високиот образовен квалитет. Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој се обрати на 16. Саем на студии во Франција наменет за младите кои сакаат да стекнат универзитетско образование во Франција.

Нагласувајќи ја традиционално добрата соработката меѓу Северна Македонија и Франција, што се потврдува и во сферата на образованието, министерот Шаќири рече дека големата слика за студентската мобилност укажува на раст на бројот на меѓународни студенти на глобално ниво, воден од зголемената побарувачка за високообразовани кадри, што е тренд и кај нас.

„МОН го поддржува студирањето на реномирани странски високо образовни установи, за кои доделува и стипендии. Студирањето на престижни странски универзитети овозможува трансфер на технологии, иновации и најдобри практики, гради мултикултурна свест, ги урива предрасудите, создава посилни релации меѓу државите и граѓаните“, кажа тој.

Француската амбасада, Францускиот институт во Скопје и Француската државна агенција за високо образование Кампус Франс од Париз се организатори на Саемот, а присутни се и претставници од француски државни универзитети, бизнис школи, специјализирана Школа за инженери и Универзитет за политички науки.

Учествуваат и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Еразмус+, Филолошкиот факултет од Скопје преку Катедрата за романски јазици и книжевности/Програма за француски јазик и книжевност, Францускиот институт во Скопје и одделот на Кампус Франс во рамките на Институтот, како и сегашни и поранешни студенти во Франција.