Од идната учебна година учениците од средните стручни училишта ќе добијат стипендии до 3.500 денари

Photo by javier trueba on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) за наредната учебна година обезбеди фонд од околу 60 милиони денари за 2.200 стипендии за ученици од прва година во средните стручни училишта. Со овој фонд, предвидено е 1.500 ученици кои ќе се запишат во паралелки во стручно образование, во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови согласно програмите за стручно образование, ќе добиваат месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината.

„Стипендии од исто така 3.500 денари месечно ќе добијат и 500 ученици кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење, додека 200 ученици од прва година кои реализираат наставни планови и програми од: електротехничка струка, градежно-геодетска струка, угостителско-туристичка струка, земјоделско-ветеринарна струка, машинска струка или текстилно-кожарска струка ќе добиваат месечен износ од 2.200 денари“ појаснуваат од МОН.

Со оваа мерка предвидено е стипендиите дополнително да ги стимулираат учениците кои своето образование ќе го продолжат во едно од стручните средни училишта во земјава.

Инаку, вчера министерството го објави конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2021-2022 година. Согласно конкурсот, во 109 средни училишта има вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.