Младински сојуз: Младите од Грција би сакале почесто да патуваат во Северна Македонија

Фото: Арбнора Мемети

Иако околу 86 отсто од младите во Грција би сакале да патуваат во нашата земја, тоа до сега ретко се случува (37%). Од друга страна, младите од Северна Македонија значително повеќе патувале во Грција (83%), додека околу 86 отсто би сакале и понатаму да патуваат во соседната земја.

Ова го покажува истражувањето за перцепциите на младите луѓе во 2020 година спроведено од Младинскиот Сојуз – Крушево, а презентирано на дводневната конференција која се одржува во Скопје во рамките на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција. Истражувањето за перцепциите на младите луѓе, спроведено преку интервјуа, анкета и фокус групи со вклучени над 700 млади од двете земји на возраст меѓу 18 и 35 години.

„Главните причини за досегашните патувања на младите биле туризмот или сезонска работа што е секако позитивно, но резултира и со недоволно информации и можности за меѓусебно запознавање и иницирање на соработка. Младите од двете соседни земји веруваат дека токму тие и граѓанскиот сектор се одговорни да креираат подобри можности за меѓусебно запознавање“, вели Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз – Крушево, кој верува дека заклучоците од истражувањето дополнително ќе ги мотивираат надлежните институции од двете земји поинтензивно да соработуваат.

Заклучокот од дебатата на дводневната конференција е дека на младите треба да им се даде глас да создадат подобри механизми за меѓусебна соработка и да се запознаваат едни со други преку различни начини.

Сите учесници се согласни дека договорот од Преспа бил важен чекор за нормализирање на односите меѓу двете земји и позитивен чекор напред во однос на институционалната соработка.

„За време на Конференцијата веќе креираме и предлог документ со политики и активности кој во себе содржи конкретни чекори. Овој документ ќе им го испратиме на министерствата за надворешни работи на двете земји, а очекуваме да биде основа за заедничка декларација и продлабочување на билатерална соработка меѓу двете земји во делот на младинската политика. Впрочем, младинската соработка јасно произлегува и од Акцискиот план за спроведување на Преспанскиот договор на кој се обврзаа владите на двете земја“, посочи Стојчески.

Конференцијата претставува финален дел од првата фаза на спроведување на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција од страна на Младински Сојуз – Крушево.

Во рамки на овој проект за една година отворени се првите две младински канцеларии со локации во Солун и Валандово, а над 500 луѓе се вклучени во различни програми за размена на знаења и искуства.

Проектот е поддржан од амбасадите на Германија и САД и има за цел основање на повеќе билатерални младински канцеларии во нашите две соседни земји кои треба да придонесат кон подобрување на врските меѓу младите, јакнење на меѓусебното разбирање и промоција, поттикнување и овозможување на средби и размена на искуства од двете страни во духот на пријателство и градење доверба.