fbpx

Почна седницата на Собранието за избор на новата влада

-

Со доцнење од половина час, со расправија и со надмудрувања околу употребата на албанскиот јазик помеѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, почна седницата на Собранието на Република Македонија за избор на новата влада, чија мандатар е лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Џафери ја отвори седницата на албански јазик, заблагодарувајќи им се на сите што го поддржале, но и на тие што биле против неговиот избор за собраниски спикер, а потоа продолжи на македонски јазик, посочувајќи дека тој гест е израз на надежта дека Собранието и пратениците по демократски пат можат да ги остварат сите очекувања на граѓаните.

На ова реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Илија Димовски, кои на Џафери му се обраќаа не со „претседател“ туку со „пратеникот Џафери“ и побараа од него да го почитува деловникот на Собранието и Законот за употреба на јазиците, според кој на јазик различен од македонскиот, а кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, односно на албански јазик може да се претседава со седниците на комисиите, но не и со пленарна седница.

На ова реплицираше Џафери, кој рече дека додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се договорат како ќе му се обраќаат и сè додека му се обраќаат со „пратеникот Џафери“, тој ќе го користи деловничкото право и ќе зборува на, како што рече, „мојот јазик“.

По кусото надмудрување околу употребата на јазиците, Џафери подолжи да ја води седницата на македонски јазик.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара Собранието веднаш, по скратена постапка, да ги усвои измените на Изборниот законик, со кои ќе им се продолжи мандатот на градоначалниците и на советите на општините, а како датум за одржување на локалните избори ќе биде 15 октомври.

Џафери предлогот на Димовски го стави на гласање, но тој не беше поддржан од парламентарното мнозинство.

Инаку, на седницата се присутни речиси сите пратеници, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. На новинарите не им беше овозможено да го следат почетокот на седницата од галеријата на пленарната сала, бидејќи во неа беа сместени претставниците на дипломатскиот кор.

Пред Собранието е забележливо засилено полициско обезбедување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Украинците – топовско месо“ е дезинформацијата на Москва за американската помош за Украина

Изгласувањето на американската помош за Украина, Тајван и Израел прво во Долниот, па потоа и во Горниот дом на на американскиот Конгрес, беше главен мотив за реакциите од Москва во кои...