Битолската полиција го ставила под лупа финансиското работење на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ во Битола, како и на други институции кои се под капата на државата или локалната самоуправа.
Наши извори од истрагата откриваат дека предмет на истрага биле евентуални финансиски и други злоупотреби, односно како во последните години се трошеле парите на граѓаните, како се правеле јавните набавки, дали има индиции за корупција и за други прекршувања на законите.
Според наши информации, последниот месец интензивно се вршат проверки на работата на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“, каде директор е Јасминка Новакова-Стојановска, сопруга на оперскиот пејач Цветан Стојановски, инаку близок соработник во делот на културата на градоначалникот Владимир Талески.
Од СВР Битола потврдија дека се вршат контроли, но не откриваат повеќе информации.
– Полицијата прави проверки во институцијата што ја наведовте, но досега нема поднесено кривични пријави. Во интерес на истрагата не можеме да даваме подетални податоци -изјави за „Мета“, портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова.
Неофицијално, од полицијата велат дека истрагата и обвинителството имаат полни раце работа, вклучително и за предметите поврзани со работата и со проектите на локалната власт, кои СЈО на Катица Јанева му ги врати за понатамошна истрага на Основното јавно обвинителство во Битола.