Веќе извесно време се зборува дека новиот телефон „galaxy S6“ ќе пристигне со поголем екран и со поголема резолуција од својот претходник. Ваквите информации ги потврдува и „скриншотот“ кој се појави на кинескиот портал CNMO.
Доколку информациите се точни, новиот телефон „galaxy S6“ на компанијата „Самсунг“ ќе поседува екран од 5,5 инчи, со резолуција од 1.440×2.560 пиксели, а во него ќе биде вграден 64-битен осумјадрен процесор „exynos 7420“. Според податоците, „S6“ би требало да стигне со работна меморија од три гигабајти и со внатрешна меморија од 32 гигабајти.
За фотографиите ќе биде задолжена камера од 20 мегапиксели, а предната камера од пет мегапиксели ќе служи и за видеоповици. Телефонот би требало да дојде со „лолипоп“ верзијата на оперативниот систем „андроид“.