Не е точно дека Ајфон тајно ги фотографира корисниците секои пет секунди

„Епл“, исто така, уверува дека карактеристиките на ликот на корисникот на телефонот, никогаш не се споделуваат на „клауд“ или на кое било друго место

Photo by Arnel Hasanovic on Unsplash

Објавата шири невистини дека Ајфон тајно ве фотографира секои пет секунди. Причината поради којашто инфрацрвената камера апсорбира зрак секои пет секунди е опцијата за препознавање на ликот. Точно е дека Ајфон изведува акција секои пет секунди, како што е прикажано во видеото. Но, ова е поврзано со опцијата која Епл ја нарекува Аttention Aware. Оваа опција Ајфон ја користи за да види дали корисникот гледа во уредот и за да се осигури дека дисплејот на Ајфон нема да се исклучи, или да се затемни додека корисникот уште гледа во екранот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ајфон тајно го фотографира својот сопственик на секои пет секунди. Користи инфрацрвено зрачење за да го скенира лицето што го држи.

Во склоп на објавата се презентира видеоматеријал каде на руски јазик се кажува дека на секои 5 секунди Ајфон го фотографира својот сопственик. Во видеото се користи инфра црвена камера за да се детектираат светла (flashes), за кои се тврди дека се, всушност, тајни фотографирања на корисникот на мобилниот уред од страна на камерата.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис, Ајфон не ве фотографира секои пет секунди. Причината поради која што инфрацрвената камера апсорбира зрак секои пет секунди е опцијата за препознавање на ликот.

Таа користи систем за камера наречен TrueDepth кој прецизно ја мапира геометријата на вашето лице. TrueDepth го проектира и анализира вашето лице со повеќе од 30 илјади невидливи „точки” и го опфаќа лицето преку инфраред фотографија од вашиот лик. Инфраред фотографијата е конвертирана во математичка репрезентација и внесена во телефонот како податок за ликот. Трепкањето на светлото е поради опцијата наречена Attention Aware која може да се исклучи и да не се користи, пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис.

Точно е дека Ајфон изведува акција секои пет секунди, како што е прикажано во видеото. Но, ова е поврзано со опцијата која Епл ја нарекува Аttention Aware. Оваа опција Ајфон ја користи за да види дали корисникот гледа во уредот и за да се осигури дека дисплејот на Ајфон нема да се исклучи, или да се затемни додека корисникот уште гледа во екранот. Светкањата кои се гледаат во видеото од објавата што ја рецензираме, не претставуваат снимки од тоа како Ајфон фотографира, туку скенирања за ликот на корисникот. Оваа опција не е достапна на сите Ајфон модели и може да биде исклучена во менито за идентификација на ликот.

Тоа што Ајфонот во видеото неколкупати „трепка” (flash) може да наведе некои корисници на социјалните мрежи да поверуваат дека предната камера на Ајфон го фотографира ликот на корисникот секои пет секунди, или пак, дека се под „надзор” додека го користат, но ова не е вистина.

Како што пишува Њуз Тренд Микро, портпаролот на „Епл“,  Алекс Киршнер, за Ју Ес Еј Тудеј истакнал дека станува збор за технологијата TrueDepth камера, која е објаснета погоре.

„Епл“, исто така, уверува дека карактеристиките на ликот на корисникот на телефонот, никогаш не се споделуваат на „клауд“ или на кое било друго место.

Тоа значи дека никакви фотографии не се снимаат секои пет секунди, инфра црвеното светло што се гледа во видеото само скенира за да види дали уште го користите телефонот, пишуваат од Њуз Тренд Микро.

Мирор од Велика Британија, тврдењето дека Ајфон ги фотографира корисниците секои пет секунди го нарекува теорија на заговор.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти Ајфон ги фотографира корисниците секои пет секунди без нивно знаење.