Најновото издание на фестивалот „Битола отворен град“ почна денеска. Оваа манифестација, која се организира од 2002 година, ја организира Младински културен центар – Битола.
Реализацијата на програмата почна со музичка интерактивна работилница, која се одржа пред Домот на АРМ, а која ја модерираа музичарите Зоки Конга и Александар Јинациќ. Манифестацијата продолжува утре со меѓународна филмска ревија, на која ќе бидат проектирани филмови на автори од Чиле, Шпанија, Молдавија, Кипар, Иран, Италија, Србија, Бугарија и од Македонија, а централниот настан ќе се одржи в сабота навечер, кога ќе настапи познатата белградска група „Партибрејкерс“.
Меѓународниот фестивал „Битола отворен град“ е поддржан од повеќе македонски компании и од Општина Битола.