!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Зелен и современ Охрид бара „Охрид СОС“ од идниот градоначалник


       
Охрид, 12 октомври, 2017 - 11:04 (META) 

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ до кандидатите за градоначалници се обрати со своја „Платформа за зелен и современ Охрид“.

Од иницијативата велат дека проектите што досега се предлагале биле за развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка и е сосема несоодветен за регионот.

„Охрид нема стратегија за развој на турзимот, ниту стратегија за управување со УНЕСКО-регионот. Заштитата на Охридското Езеро се раководи според Законот за трите езера од 1977 година и езерото веќе бележи знаци на неблагопријатни ефекти врз екосистемот. Студенчишко Блато десетици илјади години ја прочистува езерската вода, а сепак му се закануваше целосно бетонирање. Галичица е еден од само 20 прекугранични биосферни резервати на УНЕСКО во целиот свет, а со предлог-измените за управување со Националниот парк, повеќе од 604 хектари треба да го изгубат степенот на заштита, стотици хектари шума ќе бидат на удар, од кои 84 хектари само од ендемичниот македонски даб“, се вели во соопштението.

Од „Охрид СОС“ велат дека потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители.