Во судовите функционирал двоен АКМИС – рачен и компјутерски


       
Скопје, 13 јули, 2018 - 10:33 (META) 

Извештајот за користењето на информатичкиот систем за автоматска прераспределба на предмети (АКМИС) открива дека тој во голема мерка не функционирал, како и дека повторно во движењето на предметите решавал човечкиот фактор, открива извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда.

Актуелната министерка Рената Дескоска го објави извештајот на групата вчера и од него се гледа дека во Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд), освен во 2013 година, не се правел годишен план за управување со движењето на предметите во судовите и спречување на создавање и намалување на нерешени предмети. Поради тоа дури 860 предмети не биле завршени, се констатира во извештајот за увидот извршен на 26 октомври минатата година, кој јавноста го дознава дури сега.

Во овој суд, инаку, завршија речиси сите случаи на Специјалното јавно обвинителство и тамошните судски совети решаваа за прифаќање на обвиненијата од СЈО.

При средбата со работната група, тогашниот в.д. претседател Стојанче Рибарев кажал дека во огромен дел распределбата на предметите се вршела рачно, односно како што тој го нарекол тоа „дупли АКМИС“. Тој на 3 јули минатата година формирал работно тело за управување со движење на предметите во Судот. Претходно немало такво нешто, но и откако Рибарев формирал своевидна комисија, не бил формиран Годишен план за управување со движењето на судот, ниту се донесени внатрешни процедури.

Работната група формирана од министерот за правда утврдила дека грубо била повредена и процедурата за донесување на Годишниот распоред за работа на Судот и тој бил често менуван.

Така, често одредени предмети се префрлале од еден на друг судија, а поради честото менување на годишниот распоред за работа, бил ограничен изборот на судии на кои автоматски ќе им се прераспредели предмет. Но честопати, како што се напоменува на повеќе места во извештајот, распределувањето сепак не било компјутерски, туку рачно.

АКМИСОТ не се користел за распределба на предмети на судиите на претходна постапка и на кривичните совети во одделите Кривично полнолетни и организиран криминал, каде што беа предметите од СЈО. АКМИС-от немал дури ни внесени  параметри за автоматска распределба според уписниците. Уписничарот вршел избор на стручен соработник кој треба да го направи изборот на кривичниот совет пред кој го изнесувал предметот.

Како што утврдила работната група, некои судии биле исклучувани од автоматската распределба на предмети по основа на известувања за отсуство по различни основи, најчесто во времетраење пократко од пет дена. Но и во овие случаие немало писмена одлука со наредба и образложение, туку само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување.

Уписниците најчесто се правеле на хартија, а електронските се речиси празни.

Работната група препорачува веднаш да се почне со целосна примена на АКМИС-от во Кривичен суд.

Исклучувањето на судии од автоматската распределба се вршела со наредба на претседателот на судот, заедно со наведени причини за исклучувањето и со барање итните предмети да бидат прераспределени на друг судија преку АКМИС.

Во 2017 година имало 200 случаи на изземање на судија, но тоа се правело на законска основа, се вели во извештајот на работната група. Причините биле блиски роднински врски со судија од првостепената постапка или со адвокат од првостепената постапка или кога судијата постапувал во првостепената постапка.

Работната група препорачува, поради бројот на изземања, предметите од основните судови да се распределуваат по случаен избор во сите апелациски судови.

И во Врховниот суд, слично како во скопска Апелација, имало изземања на судии поради истите причини како во второстепениот суд. Исто така, спротивно на правилата, автоматската прераспределба на предмети се одвивала повеќе пати во денот, наместо еднаш.

Работната група формирана од Правда препорачува веднаш да се преземат мерки за целосно да профункционира АКМИС-системот и да се зајакнат контролите.