ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и мнозинството еден месец ја блокираат локалната самоуправа


       
Скопје, 29 мај, 2017 - 9:44 (META) 

СДСМ и собраниското мнозинство имаат одговорност за одложувањето на локалните избори, со што се става под знак прашалник ефективното функционирање на локалната самоуправа, порача ВМРО-ДПМНЕ претпладнево преку соопштение.

Партијата вели дека и еден месец откако „СДС насилно изведе сценарио за избор на претседател на Собранието, флагрантно кршејќи го Уставот, низа закони и деловникот за работа на Собранието“, во законодавниот дом нема никаква активност „која би била барем обид за излез од кризата во државата“.

„Фактот дека и по еден месец од изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, во истото нема никаква активност и фактот дека СДС сè уште ги кочи клучните и неминовни процеси во државата, како одржувањето на редовните локални избори, покажува дека СДС, очигледно, со намера го изведе сценариото од 27 април, за дополнително продлабочување на кризата. Република Македонија и нејзините граѓани не треба да ја плаќаат сметката за антидржавното дејствување на СДС. Државата не смее да трпи, економијата не смее да стагнира, граѓаните сакаат да одат напред. СДС мора да овозможи одржување на локалните избори, а со нив и предвремени парламентарни избори, кои се вистинско долгорочно решение за државата“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.