Владата организира пет јавни расправи за уставните измени


       
Скопје, 5 декември, 2018 - 10:24 (META) 

Владата соопшти дека почнувајќи од денеска, ќе организира серија јавни дискусии со експертската јавност и со граѓаните за нацрт-амандманите за измени на Уставот.

Првата јавна расправа ќе се одржи денеска со почеток во 16:30 часот, во Свечената сала во седиштето на Владата. Говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев и проф. д-р Владо Поповски и проф. д-р Љубомир Фрчкоски.

Втората јавна расправа ќе се одржи утре со почеток во 12 часот, на универзитетот ФОН во Скопје. Говорници ќе бидат премиерот, ректорот на универзитетот ФОН, проф. д-р Нано Ружин и проф. д-р Темелко Ристевски.

Третата јавна дискусија ќе се одржи на задутре со почеток во 10 часот, во Македонската академија на науките и уметностите. Говорници ќе бидат вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, академик д-р Владо Камбовски и д-р Светомир Шкариќ.

Четвртата и петтата јавна расправа ќе се одржат во Штип и во Тетово на 10 декември, понеделник, со почеток во 10 часот.

На јавната дискусија во Општина Штип говорници ќе бидат премиерот Заев, судијката Маргарита Цаца Николовска и проф. д-р Ѓорѓи Спасов. Дискусијата ќе ја отвори градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

На јавната дискусија во Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, говорници ќе бидат вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот Османи, проф. д-р Беса Арифи и проф. д-р Блерим Река. Дискусијата ќе ја отвори ректорот на УЈИЕ, проф. д-р Абдулменаф Беџети.