Владата го утврди предлог-законот за поголема контрола на паралелниот увоз на лекови


       
Скопје, 4 јануари, 2018 - 23:25 (META) 

Владата на денешната 47. седница го утврдила и донела одлука да го достави до Собранието новиот предлог-закон за лековите и медицинските средства, со кој се зголемува контролата на паралелниот увоз на лекови во земјава.

Како што се наведува во соопштението на владината прес-служба, со предложените решенија веледрогериите се задолжуваат да обезбедат пообемна документација за квалитетот на лековите од паралелен увоз.

„Дополнително со овој предлог-закон се прецизира начинот на издавање на одобрението за паралелен увоз во смисла на утврдување на критериуми и тоа со обезбедување сертификат за квалитет на лек што e предмет на паралелен увоз, приложен во оригинал. Сертификатот за квалитет треба да биде издаден од страна на производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот. На овој начин се овозможува подобрена контрола на квалитетот на секоја серија од лековите кои се предмет на паралелен увоз и се обезбедуваат безбедни лекови од паралелен увоз и заштита на пациентите од евентуални неквалитетни лекови“, стои во соопштението.

На денешната седница Владата дала согласност за договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 со фирмата „Џемдаг Лајтинг Еуропа“.

Станува збор за прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот план за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова година, вреден 5 милиони евра, и кој предвидува 100 нови вработувања, велат од Владата.

На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање, Владата денеска ја разгледала и усвоила информацијата за ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Република Македонија.

„Ажурираниот план опфаќа и препорачува повеќе чекори за исполнување на обврските од Стокхолмската конвенција како што е спречување на неконтролирано горење отпад на нестандардни депонии, воспоставување контрола при увоз на стара опрема со ризик од хемикалии штетни за здравјето на луѓето и животната средина, формирање и функционирање на собирни центри, центри за третман и преработка на искористени возила и други мерки“, стои во соопштението за 47. седница на Владата.