!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата бара МВР да спроведе истрага за тендери и за хонорари на претходната власт


       
Скопје, 13 октомври, 2017 - 11:58 (META) 

Владата побарала истрага од Министерството за внатрешни работи во врска со три случаи за сомнителни резервации на авиобилети од страна на претходната влада, за сомнителни набавки во Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) од страна на фирмата „Атриум“ од Вевчани и за консултантски договори кои, како што соопшти владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција, постојат сомневања дека се незаконски и за кои биле исплаќани огромни суми од буџетот.

Во првиот случај, како што појасни Бошњаковски, се бара истрага за сторена повреда на одредби од Кривичниот законик за начинот и за процедурата за набавка на авиобилети од Службата за општи и заеднички работи за време на мандатот на пртеходната влада, за периодот од 2014 до 2017 година.

Според податоците, по распишан тендер за ангажирање фирми што ќе вршат резервации на авиобилети, биле склучени рамковни спогодби со повеќе компании. Но, утвредно е дека одговорните во Службата за општи и заеднички работи доставувале барања за понуди за авиобилети само до една компанија, а не до сите, како што биле обврзани со рамковниот договор.

Во врска со сомнителните набавки во АДСДП, според документите со кои располагаат службите на Владата, имало индиции дека биле користени дампинг-цени за набавка на стоки и на услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани. Целта, како што истакна Бошњаковски, била компанијата „Атриум“ од Вевчани да биде фаворизирана, односно да биде најдобро рангирана во тендерската постапка и да добие повластена позиција.

– Владата бара од МВР да истражи како е можно фирмата „Атриум“ да знае точно кои производи и услуги ќе се набавуваат однапред – изјави Бошњаковски.

Владата доставила и барање за мислење до државното првобранителство во врска со договорите за ангажирање на Александар Никовски, Џорџ Р. Пери и Јешуа Шуки Глајдман како надворешни соработници на поранешниот премиер Никола Груевски. Потписник бил тогашниот шеф на кабинет на Груевски, Мартин Протогер.

– Постојат индиции дека потписот на Мартин Протогер е во спротивност со членот 6 од одлуката за формирање канцеларија на претседателот на Влада на Македонија, со што овие договори би биле ништовни. Исто така, очекуваме и мислење од правобранителството дали трошоците што тогашната влада му ги одобрила на соработникот Александар Никовски може да се сметаат за трошоци за службени активности – рече Бошњаковски.

Според него, на Никовски, покрај месечниот надоместок од 3.000 евра, дополнително му биле исплатени 30.000 евра за авиобилети, 23.000 евра за угостителски услуги, 5.500 евра за такси-превоз, 2.500 евра за подароци и 6.000 евра за други трошоци.

Никовски, како советник на Груевски, добил пари од државниот буџет во вкупен износ од 217.490 евра.