!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Три нови случаи на заболени со мали сипаници


       
Скопје, 20 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Во текот на изминатата недела, од 14 до 20 октомври, регистрирани се три нови случаи на мали сипаници, со што вкупниот број на заболени е 17 лица, информираат од Институтот за јавно здравје.

Од вкупниот број на заболени, 10 лица живеат во населбата Маџари – Кванташка депонија, две лица се од Чаир, а по едно лице е регистрирано во село Сопиште, населба Шуто Оризари и во село Кондово. Едно од пријавените заболени деца е државјанин на Косово. Едно лице од новопријавените во последната недела е со место на живеење во Прилеп, на привремена работа во Скопје.

Од заболените, два случаи се на возраст под една година, кога не подлежат на задолжителна вакцинација против мали сипаници. Седум заболени се на возраст од една до четири години, а три се над 30-годишна возраст.

Симптомите на првиот пријавен случај од мали сипаници се јавиле на 15 септември. На 25 септември, Центарот за јавно здравје Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на општина Гази Баба – Кванташка депонија.

Од 17 регистрирани случаи, 16 се лабораториски потврдени, а еден е клинички и епидемиолошки поврзан случај. Само кај два случаи биле регистрирани компликации во вид на пневмонија.