Водата во Струга е небезбедна за пиење


Струга, 28 ноември, 2018 - 13:35 (META) 

Водата од градската водоводна мрежа во Струга и селата кои се приклучени на истата, не е безбедна за пиење, информираат од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид.

Поради обилните врнежи од дожд кои деновиве го зафатија подрачјето на Општина Струга дојде до нарушување на квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струга, по однос на параметарот матност.

Од извршените мерења на водата за пиење од градскиот водовод во Струга, од страна на екипи на ЦЈЗ Охрид, претпладнево, констатирана е зголемена матност во водата за пиење, со вредности значително поголеми од законски пропишаните.

Согласно процедурите, известени се надлежните институции и соодветните инспекциски служби за натамошно постапување. Од ЦЈЗ Охрид потенцираат дека во координација со надлежните институции континуирано ќе ја следат состојбата и навремено ќе информираа за состојбата со квалитетот на водата во градскиот водовод во Струга.


Во две од три тетовски села водата не е за пиење


Тетово, 20 ноември, 2018 - 10:01 (META) 

Поголемиот дел од жителите на селата на Oпштина Тетово и околните општини користат вода за пиење што не е чиста. Ова го покажуваат анализите на Институтот за јавно здравство (ИЈЗ) во Тетово, пишува „Порталб.мк“.

Во 68 отсто од вкупно 99 села на Општината Тетово заедно со општина Желино и Брвеница водата за пиење во месеците јули, август и септември не била за пиење, покажуваат официјалните податоци кои Порталб.мк успеа да ги обезбеди од Институтот за заштита на здравјето на Тетово (ЈЗУ).

„Анализите на водата во селата се вршени редовно и можам да кажам дека во повеќето од нив имаме лоши резултати. Ова е како последица од старата водоводна мрежа, недостаток на дезинфекција на резервоарите за вода, не прочистување на каптажите за вода и недостаток на оградување или заштита на изворите од каде се зема водата. Доколку се санираат овие сегменти би имале чиста вода за пиење. Не можам да кажам дека општините не прават ништо, бидејќи тие вршат хлорирање на водата, секогаш кога ние им препорачуваме“, вели докторот и управителот на ЈЗУ Тетово, Ратко Давидовски, кој не одговори, кои се селата во кои водата не е за пиење.

Вода

Мострите за анализа се земени од јавните чешми, чешми во џамиите, училиштата и др. Давидовски смета дека буџетот и финансиските средства се најголемата пречка поради која општините имаат ваква состојба на вода.

„Имаат проекти и се обидуваат да бидат поблиску до граѓаните, имаат ангажирани лица кои се занимаваат со ова прашање во секоја општина, но сметам дека немањето финансиски средства за целосно уредување на водоводната мрежа и резервоарите е главната пречка. Ние, сме вршеле повремени анализи, и можам да кажам дека на годишно ниво, владата финансира 300 анализи за Тетово, но ова не е доволно за да се има задоволителна здравствена заштита за жителите на Тетово и околните села. Општина Желино и Брвеница како и руралните општини имаат потпишано договори со ЈЗУ за контрола на квалитетот на водата за пиење. Секогаш кога ние им препорачуваме да се контролира квалитетот на водата, тие ги почитуваат нашите препораки. Општина Желино и Брвеница имаат проблеми со изворите бидејќи истите се наоѓаат во такви зони, не планински предели, и тоа го имаат сфатено тоа и водат грижа за оваа состојба“, вели Давидовски.

Инаку, во текот на претходниот месец, жителите на Тетово се пожалиле дека водата за пиење има необична миризба, но ЈЗУ, изјави дека се дозволува водата да се пие бидејќи тоа се случува заради мешање на двата извори од кои градот на Тетово се снабдува со вода.

Граѓаните, секогаш кога ќе почувствуваат дека водата не е во ред или пак има чудна миризба, можат да се јават до Општина Тетово, со цел општинските власти да порачаат анализи, да се констатира дали водата што се користи секој ден е безбедна за пиење или не.


Без вода утре и задутре голем дел од општините Кисела Вода и Аеродром


Скопје, 9 август, 2018 - 12:54 (META) 

Поради реконструкција на водоводна линија што ќе се изведува кај новиот кружен тек меѓу булевар Србија и улицата Христо Татарчев кај последна 24-ка, од утре во 20 часот до сабота претпладне или напладне, без вода ќе биде голем дел од источното подрачје на Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи – Скопје.

Без вода ќе бидат Аеродром и Ново Лисиче (високата зона, односно становите над 5-ти кат), Припор, Сопиште, Ракотинци и Добри Дол, како и дел од населбата Кисела Вода на улицата Христо Татарчев крак 1-11, крак 2, Сервисна Зона Југ, дел од булеварот Борис Трајковски и дел од булеварот „Србија“ (од новиот кружен тек до булеварот Борис Трајковски).

Според предвидувањата на ЈП „Водовод и канализација – Скопје, зафатот би бил готов за 12 до 18 часа, што значи дека нормално водоснабдување ќе се воспостави во периодот од 8 до 14 часот в сабота.

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ за жителите од наведените населби места ќе обезбеди цистерни со питка вода. Исто така, дека уличните чешми во населбите Аеродром и Ново Лисиче непречено ќе функционираат.


Грант од 4,6 милиони евра за инвестиции во комунална инфраструктура во Гостивар


Скопје, 11 јули, 2018 - 14:15 (META) 

Денеска во Министерството за финансии беше потпишан договор со кој се дава грант од 4,6 милиони евра неповратни средства од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО) за подобрување на водоводната и канализационата инфраструктура во Гостивар.

Договорот го потпишаа министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески директорот на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Исак Лазами и претставник од „КфВ“ банката, која е администратор на грант средствата, Рене Ескеман.

„Вкупната сума која ќе се инвестира во подобрување на комуналната инфраструктура во Гостивар е 7,2 милиони евра. Овие средства ќе бидат наменети за набавка на опрема за откривање протекување вода и со тоа намалување на загубите на вода, предвидени се средства за нови резервоари, за нови цевководи и подобрување на мрежата. Покрај грантот од Швајцарија, Гостивар за реализација на овој проект ќе добие и 250 илјади евра грант од „КфВ“ банка, како и заем од Владата во износ од 1,7 милиони евра. Исто така, општината ќе учествува со сопствени средства во проектот со износ од 682 илјади евра“, информираат од Министерство за финансии.

Од таму додаваат дека набргу грант-средства за комунални проекти од „КфВ“ банката ќе се доделат и за општините Радовиш и Кавадарци.


Нивоата на природните езера повисоки од вообичаено


Скопје, 4 јуни, 2018 - 12:40 (META) 

Водостоите на трите природни езера и на речиси сите реки во земјава се повисоки од повеќегодишниот просек за јуни, покажуваат последните мерења од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Исклучок се Крива Река на мерното место кај Крива Паланка, Брегалница кај Берово, Црна Река кај Новаци и Сатеска кај Ботун.

Нивото на Охридското Езеро е за 24 сантиметри повисоко од просечното за овој месец и е на 71 сантиметар над нултата кота.


ЕЛЕМ: Струја произведуваме колку што е моќноста на хидроелектраните


Скопје, 19 април, 2018 - 15:35 (META) 

ЕЛЕМ може да произведува електрична енергија преку хидроелектраните толку колку што е нивната моќност, се вели во реакцијата на компанијата, на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се загубени половина милион евра поради ненавремено производство на струја на ХЕЦ Глобочица и ХЕЦ Шпилје.

Во соопштението се додава дека „во години на големи дотеци, како што е оваа, производствените капацитети на ЕЛЕМ технички не се во можност да ја прифатат целата вода.“

„Два и пол месеци електраните Глобочица и Шпилје работат со максимален капацитет и се произведува електрична енергија според максималната инсталирана моќност на овие  капацитети. Сакаме, исто така, да појасниме дека претпразнење на акумулациите во есенскиот период немаше потреба да се прави, затоа што претходното раководство на компанијата ги остави акумулациите речиси празни и од тие причини дополнително претпразнење не беше потребно да се направи“, се вели во соопштението.

Од ЕЛЕМ појаснуваат дека не се единствениот корисник на водните ресурси каде што има инсталирано хидроенергетски капацитети.

„Согласно со тоа, ЕЛЕМ може да ги користи дотоците во овие водни ресурси согласно со Дозволите за користење на вода, кои пропишуваат услови за користење“, додаваат од ЕЛЕМ.


ЕЛЕМ: Нивото на Охридско Езеро не беше причина за поплава на крајбрежјето


Скопје, 21 март, 2018 - 15:04 (META) 

Водата од Охридско Езеро стигна на крајбрежјето поради брановите, а не поради разликата во сантиметри во нивото на езерото, реагираат од ЕЛЕМ на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Минатите месеци се карактеризираа со големи дотоци, при што состојбата се менаџира максимално одговорно, за да не се надмине максималната кота на Охридското Езеро од 694 мнв која е одобрена со водостопанската дозвола. Да наведеме дека оваа вредност е надмината при појава на слични дотеци во 2010 и 2013 година“, се вели во соопштението.

Од компанијата додаваат дека се прават максимални напори за да не се направи штета на граѓаните на Охрид, и на Струга, како и на жителите на населените места околу акумулациите Шпилје и Глобочица.


Советот на Скопје ја поскапи водата за индустрискиот комплекс „Железара“


Скопје, 1 март, 2018 - 14:10 (META) 

Советот на Град Скопје, на предлог на градоначалникот Петре Шилегов, денеска како прва точка на дневниот ред ја стави и ја усвои новата повисока цена на водата за „РЖ Услуги АД Скопје“ („Железара“). За предлогот гласале 38 советници.

Со новата цена на водата, сепак овој комплекс ќе плаќа речиси три пати помалку од домаќинствата за кубен метар вода.

„Овој капацитет воопшто не плаќаше за оваа услуга во периодот од 1997 година до почетокот на 2016 година, кога РЖ Услуги АД Скопје почнаа да плаќаат симболична цена од 2,54 денари, а од 2017 година 3,55 денари за кубен метар вода. Сумата што ја плаќале досега е за 10 пати пониска од цената што ја плаќаат жителите на Скопје, а околу 16 пати пониска од цената што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје“, велат од Град Скопје.

Цената на водата што ќе ја плаќа РЖ Услуги АД Скопје за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари за кубен метар вода, во 2019 година 22,75 денари, во 2020 година 34,20 денари, а во 2021 година ќе се искачи до 46,63 денари за кубен метар вода.

Компаниите во комплексот, како што објаснуваат од Град Скопје, минатата година имаат потрошено 4.857.073 кубни метри вода, или околу 30 проценти од вкупнато количество од изворот Рашче.


РКЕ новите цени за водата ги донела по локалните избори, наместо во 2016 година


Скопје, 21 февруари, 2018 - 9:46 (META) 

Владата на вчерашната 55. седница ја разгледала информацијата за обврските и роковите кои произлегуваат од Законот за утврдување на цени на водните услуги.

„Врз основа на оваа информација, од анализата произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика не ги почитувала роковите утврдени согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги. Наместо да бидат донесени во 2016, Регулаторната комисија за енергетика новите цени за водата ги донела по завршувањето на локалните избори во 2017 година“, се вели во соопштението на Влада.

Од таму додаваат дека „оваа постапка сериозно ја доведува во прашање независноста на Регулаторната комисија за енергетика која очигледно ги синхронизирала одлуките за поскапување на водата со резултатите од локалните избори.“

„Согласно ова сознание, Владата им препорача на водостопанските претпријатија, дека можат да поднесат барање за измена на решенијата за тарифите за водна услуга согласно ставот 2 од членот 17 од Законот за утврдување на цените за водите“, се додава во соопштението.

На вчерашната седница Владата го разгледала и утврдила предлог-законот за бесплатна правна помош, со одлука да биде доставен до Собранието на усвојување.

„Со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, а негова цел е да се овозможи и унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита преку обезбедување финансиска поддршка од страна на државата“, информираат од Владата.


Огромна дупка во Рим проголта седум автомобили


Рим, 15 февруари, 2018 - 14:34 (META) 

Над 20 семејства се евакуирани вчеравечер во населбата Балдуина на северозападот на Рим, откако нешто пред 18 часот се отворила голема дупка во која пропаднале седум автомобили. За среќа нема повредени.

Земјиштето пропаднало создавајќи дупка длабока околу 10 метри, а некои жители велат дека претходно чувстувале тресење на подовите кога во близина се вршеле градежни работи.  Во текот на вечерта и ноќта се вршела евакуација на жителите, а пожарникарите и безбедносните служби се обидуваат да ги утврдат причините за пропаѓањето. Локацијата е близу до градилиште, каде работите се почнати во октомври минатата година со уривање објекти, а се планира да се градат станбени згради и подземни паркинзи.

На местото каде се создаде понорот, меѓу 25 и 28 јануари поради големи загуби на вода се вршени повеќе зафати, но вода и понатаму истекувала. Јавниот обвинител на Рим почна истрага.