Бактерии и габи виреат во застоени води, избегнувајте капење во нефилтрирани базени

Водата во базените треба да е соодветна исто како и водата за пиење. Мора да се прочистува и да се дезинфицира. За да може луѓето да бидат безбедни, треба и тие самите да внимаваат на личната хигиена пред да влезат во базен, за да не ја загадат водата, вели за Мета.мк проф. д-р Михаил Кочубовски

фото: ZAINEB S.ZEYANI на Unsplash

Топлата и влажна средина, типична за базените во кои има застоена вода, е совршена за виреење и ширење бактерии, вируси и габи. Кај возрасните, а особено кај децата можат да предизвикаат тегоби и сериозни инфекции на кожата, очите, ушите.

За тоа, на што да се внимава при капење во индивидуален или во јавен базен, како и за безбедноста на водите во базените и езерата, Мета поразговара со проф. д-р Михаил Кочубовски, раководител на сектор за здравствена екологија во Институтот за јавно здравје.

Проф. д-р Михаил Кочубовски, раководител на сектор за здравствена екологија. Фото: Meта.мк

„Водата во базените треба да е соодветна исто како и водата за пиење. Мора да се прочистува и да се дезинфицира. За да може луѓето да бидат безбедни, треба и тие самите да внимаваат на личната хигиена пред да влезат во базен, за да не ја загадат водата. Секој јавен базен треба да исполнува стандарди, да се гради во чиста зона на градот. Треба да има гардеробер, туш, тесен ходник со кадичка со вода во која има раствор со дезинфициенс, кој ги дезинфицира нозете“, вели Кочубовски.

Водата во базените (јавните и хотелските) пожелно е да се испитува еднаш неделно. Тоа го прават екипи од центрите за јавно здравје, кои земаат и анализираат примероци.

„Според нашите сознанија, досега не е пронајдено нешто спорно“, информира Кочубовски.

Во застоена вода во базен виреат цревните бактерии, но и бактерии од кои настануваат ушни кожни или очни инфекции. Затоа препораките се никако да не се голта застоена вода и да не се нурка во неа, предупредува докторот.

„Треба да се избегнува капење во нефилтрирана вода. Мора да се внимава, посебно децата треба да внимаваат да не им влезе вода во ушите оти може да настане воспаление на средно уво. На очите исто така треба да се внимава за да не дојде до конјунктивитис“, предупредува Кочубовски.

Во врска со испитувањата на водата во природните езера, од бактериски и физичко-хемиски аспект, докторот вели дека се безбедни за капење.