Светскиот ден на храната годинава посветен на водата: Не смееме да ја земаме здраво за готово

Oсвен ако не дејствуваме итно, на пат сме да ја зголемиме потрошувачката на вода за повеќе од една третина до 2050 година на глобално ниво. Тоа значи, колективно, ризикуваме да стигнеме до точка од која нема враќање, вели Кју Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО)

Фото: Image by Tibor Janosi Mozes from Pixabay

Светскиот ден на храната, 16 октомври, оваа година го слави еден од најскапоцените ресурси на планетата: водата. Таа е од суштинско значење за животот на Земјата, го покрива поголемиот дел од површината на нашата планета, сочинува над 50 проценти од нашите тела, ни помага да се храниме, овозможува егзистенција, рече Кју Донгју, Генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).

Според него, од клучна важност е да се сменат начините на производство на храна, со оглед на тоа што околу 70 проценти од слатките води се користат за земјоделски цели.

„Свежата вода не е бесконечна и треба да престанеме да ја земаме здраво за готово“, вели Донгју.

Кју Донгју, Генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации / Фото: ФАО

„Земете предвид дека во текот на последните две децении, секој од нас потрошил приближно една петтина од свежата вода што ни е достапна. За некои луѓе, реалноста е многу полоша. Во некои региони, всушност, оваа бројка се движи поблиску до една третина. Освен ако не дејствуваме итно, на пат сме да ја зголемиме потрошувачката на вода за повеќе од една третина до 2050 година на глобално ниво, со оглед на зголемената стапка на раст на популацијата на нашата планета. Тоа значи, колективно, ризикуваме да стигнеме до точка од која нема враќање“, апелира генералниот директор на ФАО.

Од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) велат дека брзиот раст на населението, урбанизацијата, индустријализацијата, економскиот развој и климатската криза оставаат големи последици врз водните ресурси. Во комбинација со загадувањето на водата, прекумерното исцрпување и некоординирано управување, ова е комплексен микс од испрепрлетени предизвици.

Зголемениот број на екстремни временски појави, сушата и поплавите ги оптоваруваат екосистемите и носат застрашувачки последици за глобалната обезбеденост со храната. Малите земјоделци, сиромашните, жените, младите, домородните народи, мигрантите и бегалците се најранливи.

„Во обидот да се најде решение за овие комбинирани предизвици, најважно е да се обезбеди доволно вода за земјоделството, истовремено усогласувајќи ги и потребите за вода и на другите економски активности, особено во услови на забрзана урбанизација. Управувањето со водата и правото на користење, цените на водата, регулативите и мерките за стимулација се потребни за да се поттикнат промените и да се обезбеди правичен пристап до чисти и безбедни водни ресурси“, вели Донгју.

Доброто управување е од клучно значење за одржлива и правична распределба на водата, преку интегриран и инклузивен пристап со сите партнери.

Понатаму, инвестициите во иновативни, ефикасни практики за управување со водите се од витално значење, вклучително и во модерни технологии за наводнување и складирање, како и решенија засновани на научни истражувања за справување со недостигот на вода и поплавите.

За да помогне во реализацијата на овој потенцијал, ФАО развива методологија за мапирање на глобалните потреби и потенцијали за наводнување, со очекување наскоро да почне да се користи во земјите кои имаат ваква потреба.

„Дозволете ми повторно да нагласам дека сите ние треба да престанеме да ја земаме водата здраво за готово. Донесувањето информирани одлуки за производите што ги купуваме, трошењето помалку вода и спречувањето на катастрофите од поплави и загадување се лесни начини за сите да придонесат кон просперитетна иднина на луѓето и планетата“, се вели во соопштението на ФАО.