fbpx

Не е точно дека Стенли Мајер измислил автомобил кој се движел на вода и бил убиен поради тоа

-

Тврдењата изнесени во постот дека Стенли Мајер измислил автомобил кој се движи на вода и дека подоцна бил убиен поради тоа, се неточни, стари и истите циркулираат подолго време, а биле дебанкирани во повеќе наврати. Автомобилот не може да се движи на вода, бидејќи водата не е гориво. Мајер не бил убиен или отруен како што се тврди во видеото под постот, туку починал од церебрална аневризма, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека била откриена кола која возела на вода, но нејзиниот изумител бил убиен. Постот споделува видео од ТикТок во кое е прикажана приказната за Стенли Мајер кој тврдел дека автомобилот можел да се движи на вода. Во видеото се тврди дека тој подоцна бил убиен од страна на сопствениците на нафтените компании. Нашата проверка покажа дека тврдењето во постот не е точно. Ниту автомобил може да се движи на вода, ниту пак, Мајер бил убиен.

Во видеото споделено од ТикТок се прикажуваат стари вести во кои пронаоѓачот Стенли Мајер тврди дека неговата „водена ќелија за гориво“ може да ја претвори водата во гориво и да го напојува автомобилскиот мотор. Мејер инсистирал дека некој можел да вози од Лос Анџелес до Њујорк со 22 литри вода користејќи го неговиот изум.

Тврдењето циркулирало во различни форми низ годините и постојано било дебанкирано од страна на независните проверувачи на факти (тука и тука).

Водата не може да согорува како јаглеводородните горива (бензин, етанол, природен гас) или водородот, изјави Хуа Жао, декан на инженерскиот колеџ на Универзитетот Брунел во Лондон, за агенцијата Франс прес во 2019 година.

Жао рекол дека атомите на водород во молекулите на водата се поврзани со атоми на кислород и дека ќе биде потребна енергија (обично со електролиза) за да се ослободат овие атоми на водород за да можат да се согорат како моторно гориво.

Енергијата потребна за раскинување на врските помеѓу водородот и кислородот во водата секогаш ќе зема повеќе енергија од потребната енергија за тие да се спојат во ќелијата за гориво или од енергијата произведена од моторот, вели Жао.

Мајер, кој немал формално научно искуство или ингеренции, починал од аневризма на мозокот во 1998 година. Не е точно тврдењето во постот дека тој бил убиен, односно не е точно тврдењето изнесено во видеото дека тој бил намерно отруен. Имено, додека бил на деловен состанок со неговиот брат и двајца потенцијални странски инвеститори, Стенли почнал одеднаш да повраќа, а неговиот брат тврдел дека последните зборови на Стенли биле дека бил отруен. Во извештајот на судскиот совет се наведува дека Мејер починал поради церебрална аневризма.

Тој тврдеше дека неговата „водена ќелија за гориво“ работела така што ја земала водата кршејќи ги водородот и кислородот и дека водородот може да се користи за гориво на автомобилскиот мотор.

Изгледа дека тврдењето на Мејер им пркоси на термодинамичките принципи. Првиот закон на термодинамиката вели дека енергијата не може да се создаде или уништи, и дека кога ќе се пренесе од една во друга форма, крајната состојба не може да биде поголема од првобитната состојба, пишува Политфакт.

Водата не е гориво. Никогаш не била, и никогаш нема да биде. Водата не гори. Водата е веќе изгорена – тоа е потрошено гориво, напиша долгогодишниот научник  Филип Бол во 2007 година за лондонското научно списание Nature, пренесува Политфакт.

Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењата изнесени во постот дека Стенли Мајер измислил автомобил кој се движи на вода и дека подоцна бил убиен поради тоа, се неточни, стари и истите циркулираат подолго време, а биле дебанкирани во повеќе наврати. Автомобилот не може да се движи на вода, бидејќи водата не е гориво. Мајер не бил убиен или отруен како што се тврди во видеото под постот, туку починал од церебрална аневризма. Според тоа,  постот кој го анализираме, го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...