Четириножните „војници“ на АРМ неуморно работат на откривање преживеани во Караманмараш [ГАЛЕРИЈА]

Белгискиот овчар Пикси трага по преживеани. ФОТО: Фејсбук-страница на АРМ

Инструкторите, Борче со лабрадорот Кони (црното куче) и Сашо со белгискиот овчар Пикси (кафеното куче) се во неуморно пребарување низ урнатините на Караманмараш, со надеж за пронаоѓање и спасување на човечки животи, соопшти АРМ.

Армиските четвороножни херои со нивните инструктори од Центарот за одгледување и обука на кучиња беа во состав на екипата кои пронајдоа и спасија еден детски живот.

Спасувачите од ДЗС спасија жена што била 114 часа во урнатините во Адијаман

Во меѓувреме, Министерството за одбрана и Армијата испратија шлепер со хуманитарна помош кон Турција, според Владината одлука за хуманитарна помош во материјални средства за Турција.

Шлеперот е наполнет со 5.000 ќебиња и 200 санитетски носилки за прва помош.

Пакувањето и транспортот на хуманитарната помош се реализирани во соработка со Македонско-Турската стопанска комора.

Пратката ќе биде доставена до градот Батман во југоисточниот дел на Турција, кој исто така беше погоден од катастрофалниот земјотрес.

Северна Македонија ја покажува хуманоста на дело, се собира помош за настраданите во Турција и Сирија

Според најновите официјални податоци, најмалку 24.490 луѓе загинале во земјотресите со јачина од 7,8 степени и 7,5 според Рихтеровата скала што во понеделникот ги погодија Турција и Сирија, како и од серијата афтершокови, односно последователни земјотреси.

Од вкупниот број загинати, 20.937 се од Турција и 3.553 од Сирија.