fbpx

Северна Македонија ја покажува хуманоста на дело, се собира помош за настраданите во Турција и Сирија

-

Откако во понеделникот низ светот одекна веста дека страшен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала земјотрес направи пустош низ југоисточна Турција и Сирија бројот на жртвите секојдневно расте. Според  официјалните податоци, како што пренесе Би-би-си, до денес е евидентирано дека во Турција загинале 18.342, а во Сирија 3.377 луѓе.

Преживеаните ја поминаа четвртата ноќ на студ, бројот на жртви од земјотресот надминува 21.000

Овие потресни информации не ги оставија рамнодушни срцата на македонските граѓани. Тие уште веднаш низ повеќе Фејсбук групи почнаа да се организираат за да испратат помош. Турски студенти кои учат во земјава поставија пункт за донации во центарот на Скопје, а од она што Мета.мк го забележа на плоштадот донациите веќе личат на планина од ќебиња, топла облека и вода. Скопјани, присеќавајќи се на разорниот земјотрес кој го срамни македонскиот главен град со земја во 1963 година, несебично донираат. Секој дава колку што може.

Помош во вид на ќебиња, вода, обувки и топла облека како и пакети со средства за  хигиена подготви и хуманитарна организација Легис која повеќе од 13 години обезбедува помош при елементарни непогоди и бегалски кризи. Невладината органзација објави и линк за донации на финансиски средства „Солидарност и грижа за Туркије и Сирија“, а на фејсбук споредлија и едно видео кое ја покажува искрената солидарност.

Црвениот крст на РСМ веднаш по земјотресот ги контактираше Турската Црвена полумесечина и Сириската Арапска Црвена полумесечина со цел да се детектираат можности за обезбедување поддршка и до јавноста упати апел дека најдобро е да се донираат пари преку телефонската линија и сметката за донации. Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити завчера на прес конференција изјави дека граѓаните донирале околу десет милиони денари за настраданите од катастрофалниот земјотрес
Освен парични средства, од стоковните резерви на Црвениот крст се издвоени илјада семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и четири илјади ќебиња.

Амбасадата на Република Турција во Скопје извести дека при пренос на материјалната помош до погодените места од земјотресот треба да се има предвид дека надлежни за собирање на донациите се Црвениот крст и Заедницата на единици на локална самоуптрава. Материјалите што ќе бидат испратени во вид на материјална помош треба да бидат нови, пакетирани, согласно зимските услови и на пакетите на турски јазик јасно да биде напишан видот на материјална помош.

На самиот пакет како примач на материјалната помош во Турција во вид на етикета треба да се наведе „Ankara Sosyal Yardımlaşma ve Dayanışma Vakfı”. Материјалната помош која ќе биде пратена по копнен пат, во Ипсала и Капикуле ќе бидат прифатена во центрите на собирање помош на Вилајетот на Едрене.

Од Амбасадата додаваат дека правните лица можат да пратат материјална помош со царинска декларација, а сите детални податоци се објавени на веб страницата на Царинската управа.

И универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ќе донира парична хуманитарна помош во висина од 500.000 денари, за помош на подрачјата погодени од земјотресот.

Средствата ќе бидат доделени во координација со амбасадата на Р. Турција директно на Државната агенција за управување со кризи и итни состојби при Министерството за внатрешни работи на Р. Турција.

Македонската Армија уште веднаш по земјотресот испрати тим од 24 војници заедно со двете кучиња трагачи Кони и Пикси. Тие вчера по 6 часовна потрага низ рушевините во градот Кахраманмараш го спасија петгодишниот Сулејман.

(Видео) Војниците на АРМ спасија 5 годишно дете од урнатините во Караман Мараш

Кон Турција, како што потврдија од АРМ за Мета.мк, веќе патуваат уште 36 припадници на АРМ од баталјонот за специјални операции кои носат повеќе опрема. Дирекцијата за заштита и спасување исто така донесе одлука да испрати 32 припадници на републичките сили за заштита и спасување, а беше одлучено дополнително да бидат испратени 40 обучени спасувачи со возила и опрема.

Исто така, во знак на солидарност и поддршка Извршниот одбор на Лекарска комора донесе одлука за доделување на парична донација во висина од 5.000 евра за настраданите граѓани на Турција во катастрофалниот земјотрес кој однесе многу човечки животи и предизвика огромна материјална штета. Средствата се уплатени во фондот “Хуманитарна акција” кој е воспоставен од Центарот за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) при Министерството за внатрешни работи на Република Турција.

А, за да укажат директна помош при лекување на преживеаните во Турција се пријавија околу 320  доктори сестри и друг медициснки кадар. Министерството за здравство соопшти дека штом ќе го заврши списокот на доброволци и ќе се одлучи кој да замине. Списокот ќе биде предаден на Центарот за управување со кризи (ЦУК), а тој пак преку комуникации со турските власти и НАТО ќе ги извести за капацитетите, човечки и материјални кои што ги нуди Северна Македонија.

Не останаа рамнодушни ниту пожарникарите од речиси сите македонски општини. Пожарникари од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Кавадрци, Штип, Куманово и од другите општини доброволно се пријавија да помогнат при вадењето на затрупаните жртви и во расчистувањето на срушените објекти.

Битка со времето и суровите услови во градот Адиаман кој се наоѓа на границата со Сирија откако поминаа  2.200 километри, веќе водат и осум струмички пожарникари кои е обучени за помош во вакви несреќи.

Екипите на Противпожарната единица на градот Скопје веќе се на терен во Газиантеп заедно со останатите спасувачки тимови.

Македонската Влада, исто така го задолжи Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од шест милиони денари за помош на настраданите.
Парична помош на вонредни седници обезбедуваат и сите општини од земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мета факт: Го нема ветениот нов електронски дневник, наставниците го користат стариот

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) најавија дека од минатиот септември, односно од учебната 2023/2024 година, ќе биде пуштен во употреба нов електронски дневник, со кој требаше...