Патишта, хидроцентрали, фотоволтаични централи, скијачки центри и бројни други легални и нелегални градби, се планираат и се изведуваат во заштитените подрачја и го загрозуваат биодиверзитетот што се обидуваме да го одбраниме. Граѓанските активисти од „Еко свест“ реагираат дека државните институции од една страна прогласуваат заштитени подрачја, а од друга страна планираат проекти кои директно ги загрозуваат и уништуваат природните реткости. Реагираат дека природата во нашата земја не се зачувува вистински бидејќи власта гледа на заштитените подрачја како на ресурс кој треба да се искористи, а не да се заштити за следните генерации.
„Загрижени сме бидејќи бизнис интересите се ставаат пред јавниот интерес! Во изминатиот период, државата поттикна заштита на природата преку прогласувањето нови заштитени подрачја, изготвување нови студии за валоризација на вредностите како и нови планови за управување на заштитените подрачја. Тоа е за поздрав и претставува напредок. Заштитените подрачја изобилуваат со уникатни природни богатства и се дом на ретки и ендемични животински и растителни видови. Природата е и извор на чиста вода, воздух и храна за сите луѓе и е важен дел од животот на локалните заедници, поврзана е со културата и традицијата“, велат од „Еко свест“.
Сепак, државните институции истовремено планираат инфраструктурни проекти на нивната територија кои неминовно значат нивно уништување. Како примери од „Еко свест“ ги наведуваат плановите за фотоволтаични електрани на подрачјето на Долна Брегалница, Емералд подрачје под заштита на Бернската конвенција и идно Натура2000 согласно Европските директиви, потоа одлуката за проширување на локален пат и изградба на граничен премин со Република Косово на подрачјето Луково Поле во Националниот парк Маврово, додека паркот се уште не е прогласен согласно закон и нема утврдени зони за заштита и план за управување.
Проблематични, според екологистите, се и најавите за изградба и проширување на ски-центри во националните паркови Маврово и Шар Планина, во период кога Маврово сѐ уште не е репрогласен и нема утврдени зони и план за управување, а Шар Планина нема одобрен план за управување, како и повторните барања за изградба на мали хидроцентрали во НП Шар Планина, во период кога Паркот чека усвојување на планот за управување со кој се забранува ваква активност на неговата територија,
Еден од најдрастичните примери на уништување се нелегалните градби во НП Маврово, но и доделувањето градежни дозволи во време кога Паркот нема утврдени зони и план за управување. Опасност за природата се и проектите за изградба на ветерни паркови на Бистра, веднаш до границата на НП Маврово, на карстен предел кој обезбедува вода за пиење за над 150000 жители и ветерниот парк Рамно во општина Старо Нагоричане во близина на Емералд подрачјето „Пчиња- Герман“, значајно подрачје за птици и клучно подрачје на биодиверзитет. Хидроелектаната „Чебрен“ е планирана на територијата на заштитено подрачје Скочивирска клисура и локалитетот Мариово кое е Емералд подрачје заштитено според Бернската Конвенција и идно Натура2000 подрачје согласно Европските директиви, значајно подрачје за птици, значајно растително подрачје и клучно подрачје за пеперутки. На халофитните солени почви во Овче Поле, идно Натура2000 подрачје согласно Европски директиви, пак, планирани се фотоволтаични електрани.
Екологистите се револтирани и од односот на институциите кон сите национални паркови, кои, покрај тоа што не добиваат финансирање од буџетот, кое е предвидено со законот, се соочуваат и со уцени за партиски вработувања, одолговлекување на постапките за репрогласување, се тоа на штета на вредностите кои треба да ги заштитат.
„Маврово веќе 11 години чека на репрогласување и донесување на нов план за управување. Процесот се закочи поради „кроењето“ на зоните за да на сметка на природата се реализираат двата хидропроекти Бошкот Мост и Луково Поле, а потоа и се доделија бројни концесии за мали хидроцентрали во забранети зони. Во Галичица се вршат притисоци за вработување на шумски инженер и порај тоа што Паркот повеќе не се бави со сеча на дрво. Шар Планина функционира без план за управување кој од септември минатата година не се одобрува, а во меѓувреме, се вршат притисоци за издавање позитивно мислење за хидроцентрали и ски центри, велат од „Еко свест“.
Посочуваат дека само 14 отсто од територијата на нашата држава е под заштита, а инфраструктурните проекти можат да се изградат и онаму каде нема природни вредности и реткости.
„Нашата природа не е на распродажба! Повикуваме на укинување на сите инфраструктурни активности со неповратно или штетно влијание врз природата. Истовремено, бараме сериозност и посветеност од страна на институциите во исполнување на нашите и меѓународните закони за заштита на природата и заштита на јавниот интерес на граѓаните“, порачуваат од „Еко свест“.