fbpx

Нема докази за воени бази што складираат храна и пијалоци за населението од целиот свет

-

Подземните тунели се „опсесија“ на поддржувачите на теориите на заговор, кои иако никогаш официјално не се откриени, ја пласираат дезинформацијата на социјалните мрежи. Следбениците на Кју Анон користат компилации од фотографии со ниска резолуција од објекти кои не само што немаат никаква врска со пронаоѓање на тони и тони храна и пијалоци, туку и се во приватна сопственост, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој како опис на споделената фотографија (која претставува колаж од пет различни фотографии) се вели:

12.09.2022 Подземни воени бази. Пронајдена храна и пијалок скриени од кабалата за конзумирање што може да го нахрани ЦЕЛИОТ СВЕТ во следните 150 години. 14,2 милијарди тони висококвалитетна храна. Тие се анализирани. Примероците не содржеле токсични материи кои вообичаено се ослободуваат кај општата популација.

Во постот се споделуваат пет различни фотографии со ниска резолуција кои треба да претставуваат демонстрација на откривањето на храна складирана под земја. Првите четири фотографии можат да се пронајдат на видео на Јутјуб објавено во 2009 година, со наслов „Откриени подземни владини бази на САД”.

Во осумминутното видео прикажани се тунели и покриени структури со тврдење дека тие се наоѓаат милји под земјата и дека ја сочинуваат „најдобро чуваната тајна на владата”. Истите тунели се наречени и „длабоки подземни воени бази“ кои наводно би се користеле за складирање големи количини храна и други залихи, како што се наведува и во постот што го рецензираме. Снимката завршува со тврдењето дека овие тајни бази се одржуваат со парите на даночните обврзници, а дека „корист од нив имаат само елитите“.

Другата фотографија во постот што го рецензираме е од Аеросеум, музеј посветен на историјата на шведската воена авијација кој се наоѓа во Гетеборг. На достапните фотографии од Аеросеум на Гугл Мапс, има неколку што ја прикажуваат истата околина како и виралните фотографии, вклучително и жолтите кабини и влезот. Франс Прес пишува дека нивни проверувачи на факти на 30 јуни 2022 година потврдиле дека четирите слики одговараат на подземниот хангар на музејот и дека најверојатно се направени меѓу 2001 и 2003 година, кога на тој простор немало изложени авиони или хеликоптери. Хангарот не се наоѓа длабоко под земјата, односно не се наоѓа милји под земја, како што се вели во видеото на Јутјуб, туку на длабочина од 30 метри. Изграден е во 1995 година и никогаш не функционирал како магацин за храна и пијалоци.

Последната, петта фотографија во постот што го рецензираме, пак, е од магацин на компанијата Спрингфилд Андерграунд во Мисури, САД. Фотографијата е на насловната на нивната официјална веб страница.

Оваа компанија нуди услуги за подземно складирање на ниски температури, па голем дел од клиентите се прехрамбени компании, како на пример Крафт. Некои фирми го изнајмуваат просторот за складирање, а интернет провајдерот Блубрд Нетворк ЛЛЦ таму има свој центар за податоци. На веб страницата на Спрингфилд Андерграунд пишува дека станува збор за семејна компанија. Како и Аеросеум, и капацитетите на оваа фирма се наоѓаат на нешто повеќе од 30 метри под земја.

 

Теоријата на заговор Кју Анон се состои од измислици за скриена храна под земја

Теоријата на заговор Кју Анон во САД има голем број поддржувачи, а нивните тези и неверојатни бизарни тврдења се широко распространети на социјалните мрежи. Меѓу поддржувачите на оваа теорија голем дел се и поддржувачи на експретседателот на САД Доналд Трамп. Дел од нив беа присутни и на нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Дел од непоткрепените и бизарни тврдења на Кју Анон е и тоа дека сите претседатели во поновата историја на САД се марионети поставени на власт од глобална елита, која ја нарекуваат длабока држава (deep state, или кабала, како што ја нарекуваат тие).

Според теоријата на заговор, има и чесни луѓе во системот наречени ‘бели капи’ кои работат за спречување на плановите на длабоката држава. Подземните тунели се „опсесија“ на поддржувачите на теоријата на заговор, кои иако никогаш официјално не се откриени, ја пласираат дезинформацијата на социјалните мрежи. Следбениците на Кју Анон користат компилации од фотографии со ниска резолуција од објекти кои не само што немаат никаква врска со пронаоѓање на тони и тони храна и пијалоци, туку и се во приватна сопственост.

Во постот што го рецензираме се вели и дека храната и пијалоците кои наводно биле откриени, биле анализирани и немале токсични материи кои вообичаено се споделувале со општата популација. Но, се разбира, не е наведено која лабораторија ги направила анализите, затоа што такви анализи никогаш и не биле направени. Кју Анон теоријата на заговор живее од поделбата на населението на „богата и мала елита” и „останати неразбудени граѓани”.

Вистиномер во повеќе наврати ги разобличува невистините и манипулациите на следбениците на оваа теорија кои пласираат дезинформации и во Северна Македонија. Такви примери може да погледнете на следните линкови (тука, тука, тука, тука).

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази дека најдени под земја биле храна и пијалоци доволни за да се прехрани целото човештво наредните 150 години, ниту, пак, дека таа храна била ослободена од отрови. Фотографиите искористени во постот се од музеј посветен на историјата на шведската воена авијација и од американска приватна семејна фирма.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари...