!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Твитот на Обама против насилствата влезе во историјата


Вашингтон, 16 август, 2017 - 10:05 (META) 

Твитот на поранешниот американски претседател Барак Обама по повод насилствата во Шарлотвил стана најпопуларниот во историјата на „Твитер“.

Твитот на Обама, во кој го цитира Нелсон Мандела, лајкуван е три милиони пати откако е објавен на 12 август, после насилствата во Шарлотвил во Вирџинија.

– Никој не се раѓа со омраза кон другите поради бојата на нивната кожа, потеклото или вера… Луѓето мора да научат да мразат, а ако можат да научат да мразат, може да научат и да сакаат… Љубовта повеќе му прилега на човековото срце за разлика од нејзината спротивност“ напиша Обама, цитирајќи го Мандела.

Твитот е проследен со фотографија на која се гледа Обама како се смее со четири деца од различна раса, пренесува „Би-би-си“.

Фотографијата е направена во 2011 година, кога Обама го посети дневниот престој во Мериленд.


Заев: Потпретседателот на САД ми пренесе поздрав од Доналд Трамп


Скопје, 10 јули, 2017 - 20:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев на својот твитер-профил попладнево соопшти дека имал телефонски разговор со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој, како што вели Заев во твитот, ги поддржал реформите во Македонија. Потпретседателот на САД на премиерот Заев му пренел поздрав од американскиот претседател Доналд Трамп.

„Се слушнав предмалку со потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Ги поддржа реформите во Македонија и пренесе поздрав од претседателот Трамп“, напиша Заев на „Твитер“.


Трамп се закани на Коми, размислува да ги укине брифинзите за новинари


Вашингтон, 12 мај, 2017 - 18:03 (META) 

Претседателот на САД Доналд Трамп со неколку твитови денеска предизвика вистинска сензација во јавноста, откако порача дека „можеби е подобро“ да се укинат брифинзите за новинарите во Белата куќа, а потоа му се закани на сменетиот директор на ФБИ, Џејмс Коми да не искажува негативни ставови за претседателот во јавноста, споменувајќи „снимки“.

„Бидејќи сум многу активен претседател а многу работи се случуваат, не е можно моите соработници да застанат на говорница и да бидат совршено точни. Можеби е најдобро да се укинат сите идни брифинзи за новинарите и во интерес на вистината да се даваат писмени одговори???“, напиша Трамп на Твитер.

Овој потег е испровоциран од непријатностите со кои се соочи Белата куќа поради различните објаснувања за причините Трамп да го смени директорот на ФБИ, Џејмс Коми.

Откако Трамп го смени Коми, неговите советници изјавија дека тоа го направил по препорака на заменик министерот за правда Род Розенстајн. Потоа и самиот Трамп и неговите советници истакнаа дека тој планирал да го отстрани Коми од функцијата уште пред да ја добие препораката.

По првиот твит, уследи уште еден во кој Трамп го предупредува Коми навестувајќи дека е можно да има снимки од нивните разговори.

„Коми подобро нека се надева дека нема „снимки“ од нашите разговори пред да почне да дава информации во медиумите“, напиша Трамп.


Во штабот на ДУИ, македонското знаме го пречека Билт поттурнато во заднината


Тетово, 18 април, 2017 - 16:40 (META) 

Поранешниот премиер и шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, кој денеска има серија средби со политички лидери во Македонија, веројатно ненамерно, сакајќи да твитне фотографија дека пристигнал во штабот на ДУИ во Мала Речица во Тетово, илустрираше каде ДУИ го држи македонското знаме.

На подиумот кој е во рамките на салата за средби ги има сите други знамиња – на ЕУ, на САД, албанското, на ДУИ, па и косовското – само македонското срамежливо ѕирка од заднината.

На прашањето на „Мета“ зошто македонскот знаме е поставено таму, порптаролот на ДУИ, Бујар Османи, одговори со контрапрашање: „Како мислите зошто е поставено?“.

На дополнителното прашање за појаснување „зошто е поставено во ќош, зад сите други знамиња“, Османи одговори кусо и двосмислено „останало“.


Хакирани твитер-профилите на УНИЦЕФ, АИ, политичари и на медиуми


Лондон, 15 март, 2017 - 12:10 (META) 

Твитер-профилите на меѓународни организации, медиуми и на политички партии се хакирани, а веројатно зад тоа стојат Турците, пишува „Раша тудеј“.

Во објавите на „Твитер“ на официјалните профили на УНИЦЕФ САД и „Амнести интернешенал“ се наоѓа симбол свастика, како и хаштаговите „нациГерманија“ и „нациХоландија“.

„Се гледаме на 16 април“, пишува на еден твит, со кој се алудира на на референдумот во Турција, со кој би можело да се зголемат овластувањата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Исто така, твитовите содржат и линкови од „Јутјуб“, на кои се неколку снимки од Реџеп Таип Ердоган.

Сè уште не е јасно кој стои зад хакирањето, а „Булмберг“ пишува дека оштетен е „Ројтерс Јапонија“. „Форбс“, „Би-би-си“ за Северна Америка и германскиот весник „Велт“.

Хакирани се профилите на градоначалникот на Бордо, Ален Жипе, и на Марсело Клор од Европскиот парламент.


Рорабакер и на „Твитер“ повикува Македонија да го следи примерот на Чешка и на Словачка


Вашингтон, 9 февруари, 2017 - 14:12 (META) 

Републиканскиот конгресмен и воедно претседател на Подкомитетот за европски работи на американскиот претставнички дом, Дана Рорабакер, продолжува да ја промовира контроверзната идеја за поделба на Македонија и на „Твитер“.

Тој, одговарајќи на пораки и на реакции на „Твитер“ околу неговите ставови за Македонија, меѓу кои и на поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров, вели дека „ако народите во Македонија не се сложуваат меѓу себе, можат да го следат примерот на Чешка и на Словачка (двете земји егзистираа како една држава, Чехословачка, пред да се разделат по мирен пат во 1993 година).

Конгресменот Рорабакер во интервјуто за албанската телевизија „Визион плус“, изјави дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.

Американскиот интернет-магазин „Политико“ во текст објавен во ноември минатата година, го нарекува Рорабакер „омилениот конгресмен на Путин“.


Киднаперите на авионот на либиската компанија ги ослободиле патниците


Валета, 23 декември, 2016 - 16:03 (META) 

Киднаперите на авионот на либиската компанија „Африка ервејз“, кој летал од Себа до Триполи, но беше пренасочен кон Малта, ги ослободиле сите 111 патници од авионот, пренесува „Тајмс оф Малта“.

Сите патници, меѓу кои имало и жени и деца, успешно биле евакуирани од авионот.

Премиерот на Малта, Џозеф Мискат, на „Твитер“ напишал дека сите членови на екипажот се ослободени, но дека во авионот најверојатно се наоѓаат уште двајца киднапери и можеби уште неколку членови на екипажот.

Според пишувањата на светските медиуми, киднаперите барале од затвор да се ослободи синот на убиениот либиски лидер, Муамер ел Гадафи.

 


Во железничка несреќа во Индија загинаа 96, а повредени се 150 патници


Канпур, 20 ноември, 2016 - 14:14 (META) 

Најмалку 96 лица загинаа, а повеќе од 150 патници се повредени во Индија откако од шини излетаа 14 вагони на воз во северната држава Прадеш, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил во близина на градот Канпур, низ кој дневно поминуваат по стотина возови.

Индискиот премиер Наренда Моди на својот профил на „Твитер“ напиша дека неговите мисли се со семејствата на настраданите.

Сè уште се утврдуваат причините поради кои се случила несреќата.


Спасов го урна „Твитер“: Диме, тебе мoже сaмo мaјкa ти дa те бркa бoрaнијa дa јaдеш


Скопје, 31 октомври, 2016 - 14:42 (META) 

Корисниците на социјалните мрежи изминатите три дена се инспирираа од сообраќајните несреќи што ги предизвика дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, и настаните што следуваа откако тој во петокот вечерта ѝ избега на полицијата. Корисниците на „Твитер“, освен што правеа шеги на негова сметка, побараа и одговорност и оставка.


Брзината на социјалните мрежи е предност и мана во известувањето, тврдат новинари од САД


Скопје, 18 октомври, 2016 - 17:33 (META) 

Популистичките мерки објавени кратко и јасно на социјалните мрежи се ефективни, а тоа го користат политичарите, велат американските новинари Џон Кокран и Барбара Кокран, на јавната дискусија „Можат ли социјалните медиуми да влијаат врз изборите во САД?“, организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Секој новинар во денешно време мора да биде активен на социјалните мрежи. Недостаток е тоа што секој со „Твитер“ и со „Фејсбук“ кој што е влијателен и има голем број на следбеници може да стане објавувач. Добро е што луѓето можат да одберат кого да следат и кому да веруваат, но ова на некој начин е и опасно затоа што луѓето стануваат еднострано информирани – вели Барбара Кокран, која е професор на Факултетот за новинарство во Мисури.

Таа додава дека републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, има поголема корист од социјалните мрежи затоа што е спонтан и објавува сам, додека демократската кандидатка Хилари Клинтон е внимателна и објавите ги смислува нејзиниот тим.

– Трамп е силен на социјалните мрежи, си изгради слика за себе и без политичко искуство освои номинација за претседателските избори. Тој твита сам, а тоа многу му помага во кампањата. Луѓето го сакаат тоа. Хилари, од друга страна, е многу внимателна и на социјалните мрежи е обратно од спонтана. Нејзините твитови се добро осмислени од нејзиниот тим, а тоа му оди во прилог на Трамп – вели Барбара Кокран.

Брзината при објавувањето е и мана кај социјалните медиуми затоа што новинарите не секогаш се сигурни во она што го објавуваат, вели Џон Кокран, пензиониран телевизиски новинар.

– Социјалните медиуми не го уништуваат новинарството со сензационализмот, туку со информирањето за кое новинарите не секогаш се сигурни дека е точно. Но, никогаш не смеете да грешите. Најлошо е да објавите приказна која мислите дека е точна, а не сте доволно сигурни. Мора да бидете сигурни дека она што го објавувате е точно. Објавете први, но прво објавете точно (Get it first, but first get it right) – вели тој.