Теоретичарот на заговори Алекс Џоунс се врати на „Х“ со споделување објава од Ендру Тејт

Џоунс е најпознат по лажното тврдење дека пукањето во училиштето „Сенди Хук“ во кое беа убиени 20 ученици на возраст од 6 и 7 години и шестмина наставници во 2012 година, било инсценирано

Jaredlholt, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Теоретичарот на заговори Алекс Џоунс се врати на социјалната мрежа „Х“, поранешен Твитер, а неговата прва објава е споделување на порака од контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт.

Сметката на Џоунс беше вратена по анкетата на сопственикот на „Х“, Илон Маск, во која 70 отсто од околу два милиони корисници што гласаа, гласаа за укинување на забраната, пишува Би-Би-Си.

Џоунс е најпознат по лажното тврдење дека пукањето во училиштето „Сенди Хук“, во кое беа убиени 20 ученици на возраст од 6 и 7 години и шестмина наставници во 2012 година, било инсценирано. Поради ова, му беше наложено да им плати отштета на членовите на семејствата на жртвите, откако судовите утврдија дека со лажните тврдења, Џоунс ги подложил на малтретирање и смртни закани.

Алекс Џоунс, кој ја основаше интернет-страницата за теории на заговор „Infowars“ (Инфоворс), беше отстранет и од другите големи платформи, меѓу кои и Јутјуб и Фејсбук.

Забрана на Твитер доби во 2018 година поради кршење на правилата на страницата за навредливо однесување.

Ендру Тејт, кому исто така претходно му беше забранет пристап до оваа платформа пред минатата година да му биде вратен, е самопрогласен мизоген инфлуенсер кој се соочува со судење во Романија поради обвинувања за силување, трговија со луѓе и формирање организирана криминална група за сексуална експлоатација на жени. Тејт ги негира обвинувањата.

Објавата на Тејт, која ја сподели и Џоунс, всушност претставува пофалба за теоретичарот на заговори и за Илон Маск.

Откако го купи „Х“ минатата година, Илон Маск првично ги отфрли повиците на некои од поддржувачите на Џоунс да ја врати неговата корисничка сметка. Во една објава, Маск ја наведе смртта на своето 10-неделно бебе во 2002 година како мотивација да не ја поништи забраната.

„Немам милост за никого кој би ја искористил смртта на децата за добивка, политика или слава“, напиша тогаш Маск.

Откако Маск ја објави анкетата за враќање на Џонс на „Х“ во саботата, теоретичарот на заговори сподели видео на интернет во кое ги повика своите поддржувачи да гласаат за укинување на неговата забрана.

Алекс Џоунс ќе мора да плати 49,3 милиони долари за ширење дезинформации за масакрот „Сенди Хук“