„Х“ почна да им наплаќа по 1 долар годишно на сите нови корисници во Нов Зеланд и Филипините

Новите корисници во двете земји ќе треба да платат еден долар годишно за пристап до најосновните функции - пишување објави, лајување и ретвитнување

Photo by BoliviaInteligente on Unsplash

Социјалната мрежа „Х“, порано позната како „Твитер“, почна да им наплаќа на новите корисници во Нов Зеланд и Филипините по 1 долар годишно за пристап до клучните функции.

Ова е дел од ново пробно тестирање на платформата во сопственост на милијардерот Илон Маск, јави Би-би-си.

Новите корисници во двете земји ќе треба да платат еден долар годишно за да можат да пишуваат објави, да ретвитнуваат, да лајкнуваат и да одговараат на објави.

Оние што ќе се откажат од претплатата ќе можат само да ги читаат објавите, да гледаат видеа и да следат профили. Постоечките корисници нема да бидат засегнати од оваа промена.

Од „Х“ велат дека целта била да се намали присуството на ботовите и профилите што манипулираат.

Минатиот месец Илон Маск сугерираше дека сите корисници на „Х“ можеби ќе треба да платат за пристап до платформата.

Откако Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари минатата година, компанијата бележи континуиран пад на приходите.

Претплатниците што плаќаат околу 8 долари месечно за Премиум верзијата на „Х“ можат да објавуваат подолги постови и бележат зголемена видливост на платформата.

Можно е сите корисници на Твитер / Х наскоро да треба да платат за пристап до социјалната мрежа