fbpx

ТикТок и Твитер не успеале да се справат со руските дезинформации

Авторите на студијата предупредија дека руските онлајн дезинформации се зголемиле во 2023 година, особено откако милијардерот Илон Маск го презеде Твитер кон крајот на минатата година

-

Технолошките гиганти ТикТок и Твитер не успеале да се справат со руските дезинформации на интернет за време на првата година од војната во Украина, според студијата која во средата ја објави Европската Унија (ЕУ). Воедно, посебна студија укажува на начините на кои ТикТок профитира од проруските наративи, јавува Радио Франс Интернешнл.

Студијата на ЕУ доаѓа по построгите правила според Законот за дигитални услуги на ЕУ, којшто стапи на сила месецов за најголемите онлајн платформи во светот.

Извештајот се фокусира на ризиците од проруски дезинформации на шест платформи: Фејсбук, Инстаграм, Твитер (ребрендирани X), Јутјуб, ТикТок и Телеграм, како и дали активностите на компаниите се усогласени со елементите утврдени во Законот за дигитални услуги.

Освен Телеграм, сите останати платформи во моментов мора да се усогласат со построгите правила на Законот за дигитални услуги, кои бараат поагресивен пристап кон проблематичните содржини, вклучително и дезинформациите и говорот на омраза.

Технолошките компании потпишале кодекс на практика кон дезинформации што требало да ги ублажи некои од малигните активности на Кремљ, се вели во извештајот.

„Доказите сугерираат дека онлајн платформите не успеале да ги спроведат овие мерки на системско ниво“, се заклучува во оваа студија на ЕУ.

Повеќето големи платформи го потпишаа кодексот минатата година, но Твитер се повлече од него во јуни.

Авторите на студијата предупредија дека руските онлајн дезинформации се зголемиле во 2023 година, особено откако милијардерот Илон Маск го презеде Твитер кон крајот на минатата година.

„Досегот и влијанието на профилите поддржани од Кремљ дополнително се зголемија во првата половина на 2023 година, особено поттикнати од укинување на безбедносните стандарди на Твитер“, се наведува во студијата на ЕУ.

Маск започна бран отпуштања кога ја презеде функцијата, отпуштајќи многу модератори кои ја проверуваа содржината на Твитер за дезинформации и штетни пораки.

Тој, сепак, рече дека Твитер/Х „напорно работи“ за да ги исполни правилата на Законот за дигитални услуги на ЕУ.

Европската Унија претходно предупреди за онлајн манипулации и мешање од страна на Русија кои се насочени кон европскиот интернет-простор, по инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година. ЕУ е особено загрижена за влијанието на дезинформациите за време на европските парламентарни избори следната година и ги повика технолошките гиганти ефикасно да го спроведат законот којшто стапи а сила.

Постои „висок ризик“, се вели во студијата на ЕУ, дека Русија ќе се меша во изборите.

„Правилата обезбедени од Законот за дигитални услуги имаат голем потенцијал да владеат во кампањите за дезинформација на Кремљ и други напади врз демократскиот интегритет и основните права спонзорирани од државата“, наведуваат авторите.

„Но, тие мора да се применат брзо и ефективно за да помогнат во ублажувањето на овие координирани напади врз европската демократија“, додаваат тие.

Друга студија, „Заработка од конфликти“, на Институтот за стратешки дијалог (ИСД), објавена на 24 август, открива дека ТикТок профитира од реклами кои содржат про-Кремљ дезинформации и конспиративни наративи.

„Рекламите пронајдени преку „Библиотеката за комерцијални содржини“ на ТикТок, исто така, вклучуваа содржини што ги дискредитираат Украина и Украинците додека ја величат руската инвазија и содржина што ја прикажува бруталната платеничка група Вагнер во позитивно светло“, се вели во извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...