И ТикТок додава текстуални објави – битката меѓу социјалните мрежи ескалира

Продолжува битката за доминација меѓу алтернативите на Твитер откако Илон Маск воведе огромни промени на социјалната мрежа

фото: ТикТок

Апликацијата за видеа ТикТок соопшти дека отсега нуди објави кои ќе содржат само текст. Платформата вели дека новата функција ќе им даде на корисниците „поинаков начин за да се изразат“.

Оние што ја користат апликацијата сега ќе имаат три опции за објава – видео, фотографија или текст.

Текстуалните објави визуелно наликуваат на опцијата Стори на Инстаграм – корисниците можат да додадат позадина, звук и локација, а исто така постои опција за снимање дует со содржините на други корисници.

„Овие функции овозможуваат вашите текстуални објави да бидат исто толку динамични и интерактивни како и секоја објава со видео или фотографија“, велат од ТикТок.

Претходно месецов, ТикТок во Бразил и Индонезија лансираше нова музичка стриминг услуга како ривал на Спотифај и Епл Мјузик, наречена „ТикТок Мјузик“. Бета верзија од услугата е достапна и во Австралија, Сингапур и Мексико.

Конкуренцијата меѓу гигантите на социјалните мрежи се вжештува, откако големите промени што Илон Маск ги донесе на Твитер предизвикаа намален сообраќај на платформата. Социјалната мрежа вчера го исфрли од употреба познатото лого со сина птица, а беше претставено ново лого со бел „Х“ на црна позадина.

Неодамна, компанијата „Мета“ на Марк Закерберг ја претстави новата социјална мрежа Инстаграм Тредс која претставува ривал на Твитер. И бројни други апликации, меѓу кои и Мастодон и Блускај во моментов се обидуваат да се позиционираат како алтернатива на Твитер.