„Тредс“ веќе е достапна – над 10 милиони корисници во првите неколку часови

Прочитајте повеќе за новата социјална мрежа создадена од Инстаграм и како да пристапите до неа

Фото: Threads

По неколкумесечни гласини и протечени информации, конечно пристигна апликацијата „Threads“ (Тредс) – конкурентот на Твитер создаден од Инстаграм. До новата социјална мрежа веќе може да се пристапи и од Македонија, преку интернет страницата Threads.net или со преземање на апликацијата од продавниците на Андроид и iOS.

Шефот на компанијата „Мета“, Марк Закерберг изјави дека новата апликација има за цел да го надмине Твитер, пренесува Би-би-си.

Експертите сметаат дека „Тредс“ би можела да ги привлече Твитер корисниците незадоволни од неодамнешните големи промени на платформата.

Апликацијата надмина пет милиони регистрирани корисници само во првите четири часа, информираше Закерберг. Три часа подоцна, односно до 8 часот утрово, „Тредс“ имала над десет милиони најави.

Платформата им овозможува на корисниците да објавуваат текстуални содржини долги до 500 знаци и има многу слични функции на Твитер.

„Мета“ во чија сопственост се Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, ја опиша новата апликација како „почетна верзија“, најавувајќи дополнителни функции, вклучително и можност за интеракција со луѓе на други социјални мрежи, меѓу кои и Мастодон.

На прашањето дали апликацијата ќе биде поголема од Твитер, Закерберг вели:

„Ќе биде потребно извесно време, но мислам дека треба да има апликација за јавни разговори со над 1 милијарда луѓе на неа. Твитер имаше можност да го направи ова, но не успеа. Се надеваме дека ние ќе го направиме тоа“.

„Тредс“ во моментов е достапна за преземање во над 100 земји, но не и во земјите-членки на ЕУ. Причината за одложеното лансирање на платформата во ЕУ се европските регулативи и неколкуте судири меѓу технолошката компанија „Мета“ и блокот во однос на заштитата на податоците на корисниците.

Од „Мета“ тврдат дека ја сфаќаат заштитата на личните податоци мошне сериозно.

„Како и со сите наши производи, ние ја сфаќаме безбедноста сериозно и ќе ги спроведеме Упатствата за заедницата на Инстаграм за содржината и интеракциите во апликацијата. Од 2016 година, инвестиравме повеќе од 16 милијарди долари во градење на тимови и технологии потребни за заштита на нашите корисници и остануваме фокусирани на унапредување на нашите водечки напори за интегритет во индустријата и инвестиции за заштита на нашата заедница“, велат од „Мета“ во најавата на „Тредс“.

 

Како функционира „Тредс“?

И покрај тоа што „Тредс“ е самостојна апликација, корисниците се најавуваат користејќи ги своите профили на Инстаграм. Нивното корисничко име од Инстаграм се пренесува и на новата апликација и не може да биде променето. Од друга страна, може да се промени описот на профилот, како и профилната фотографија.

фото: Threads

Апликацијата може да се преземе од овие линкови – за Андроид (Google Play Store) и iOS (App Store).

Штом ќе пристапат на „Тредс“, корисниците можат да изберат да ги следат истите профили што ги следат и на Инстаграм.

Објавите од „Тредс“ може да се споделуваат на Инстаграм и обратно и може да вклучуваат линкови, фотографии и видеа во должина до пет минути.

Корисниците на своите почетни страници гледаат низа објави, односно „threads“ (нишки) од луѓето што ги следат, но и препорачана содржина.

Корисниците може да изберат кој може да ги означува во објави и да ги филтрираат коментарите или одговорите што содржат конкретни зборови.

Сметките што корисниците ќе ги блокираат на Инстаграм, автоматски се блокирани и на „Тредс“.

И додека „Мета“ ја нагласува поврзаноста со Инстаграм, светските медиуми се фокусираат на сличноста на „Тредс“ со Твитер, при што некои инвеститори ја опишуваат платформата како „убиец на Твитер“, пренесува Би-би-си.

 

Следете ја новинската агенција Мета.мк отсега и на Тредс.