Истражување на ЕУ: Најмногу дезинформации има на „Х“, поранешен Твитер

Студијата анализирала над 6.000 објави на Фејсбук, Инстаграм, Линкдин, ТикТок, Х, и Јутјуб

Photo by BoliviaInteligente on Unsplash

Социјалната мрежа „Х“, порано позната како Твитер, има најмногу дезинформации од сите големи социјални мрежи, покажала студија на Европската комисија.

Студијата истражила над 6.000 објави на Фејсбук, Инстаграм, Линкдин, ТикТок, Х, и Јутјуб. Анализирани биле содржини во три земји на ЕУ кои се сметаат за особено изложени на ризикот да бидат цел на дезинформации поради избори или близината на војната во  Украина – Шпанија, Полска и Словачка.

Би-би-си пренесува дека истражувањето било спроведено од „TrustLab“ – старт-ап за следење на дезинформации кој е дел од работата за поддршка на кодексот на ЕУ за дезинформации.

Во 2018 година, тогашен Твитер, заедно со многу други социјални мрежи се пријави за да се придржува до доброволниот кодекс, но платформата под раководство на Маск се повлече од него годинава.

„Х“ сепак ќе мора да се придржува до кодексот кој ќе стане задолжителен според Законот за дигитални услуги на ЕУ. Компаниите кои нема да го почитуваат законот може да се соочат со казни до шест отсто од глобалниот промет.

„Мојата порака за „Х“ е: мора да се придржувате до тврдиот закон. Ќе следиме што правите“, предупреди комесарката на ЕУ за вредности и транспарентност Вера Јоурова.

ЕУ претходно ги обвини компаниите за социјални мрежи дека не ги запреле големите руски кампањи за дезинформации од почетокот на инвазијата врз Украина. Од блокот рекоа дека досегот и влијанието на „сметките поддржани од Кремљ“ дополнително пораснале во 2023 година.

„Руската држава се вклучи во војната на идеи за да го загади нашиот информативен простор со полувистини и лаги за да создаде лажна слика дека демократијата не е подобра од автократијата“, рече вчера Јоурова.

Од друга страна, најмалку дезинформации од анализираните социјални мрежи имало на Јутјуб.