Палмер: Очекувам дека Русија ќе работи против Договорот од Преспа


Брисел, 12 септември, 2018 - 16:40 (META) 

Заменикот-помошник на американскиот државен секретар, Метју Палмер во интервју за порталот „European Western Balkans“ изјави дека очекува Русија да работи против Договорот од Преспа.

Тој додал дека САД и Русија имаат сосема различни амбиции на Балканот и дека САД ја поддржува „интеграцијата на регионот во ЕУ и евроатлантската структура, владеење на правото, европските норми и хармонијата помеѓу народите“, додека „визијата на стратешките цели на Русија за Западен Балкан се заснова на недоверба, неред и противење на тие интеграции“.

„Русија во 2016 година се обиде да ја сруши Владата на Црна Гора, бидејќи чекореше кон членство во НАТО. Очекувам дека Русија ќе работи против Договорот од Преспа. Очекувам дека Русите ќе работат против договорот помеѓу Белград и Приштина. Москва смета дека недоразбирањата и недовербата најдобро им служат на нивните интереси, додека САД веруваат дека на нашите интереси најдобро им служат редот и разбирањето за заедничката иднина“, изјави Палмер.

На прашањето за перспективата од проширувањето на НАТО на Западен Балкан, Палмер изјавил дека членството на Црна Гора во НАТО е огромен напредок и дека се радува на идното членство на Македонија.

„Се радуваме што ќе и посакаме добредојде на земја која ќе биде Северна Македонија како 30. членка на НАТО“, изјавил Палмер и додал дека „поканата за Македонија во јули била јасна и недвосмислена“ како и тоа дека „патот за членство во НАТО  е отворен за Македонија во релативно краток период.

Палмер исто така изјавил „дека тоа подразбира Договорот од Преспа да стапи на сила и изразил надеж дека македонските граѓани на 30 септември ќе го прифатат Договорот по што Македонја треба да направи уставни измени, а Грција да го ратификува.

„И кога тој ќе стапи на сила, верувам дека Северна Македонија брзо ќе се движи кон членство на НАТО“, потенцирал Палмер.


Манчевски: Отворените податоци може да создадат иновативни бизниси и подобар живот на граѓани


Скопје, 26 јули, 2018 - 15:42 (META) 

Отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој. Тие може да се искористат и за подобрување на управувањето преку зголемување на транспарентноста, отвореноста, интегритетот и јавното учество во централната и локалната власт, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Тој ги презентираше Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци.

-Ова ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Ќе го зголеми на учеството на граѓаните. Особено треба да се нагласи дека директно ќе влијае позитивно во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси. Наша главна заложба е да ги донесеме услугите до граѓаните. Тоа е многу полесно отколку да ги носиме граѓаните до услугите. Отворањето на податоците е еден од механизмите да го постигнеме тоа – рече министерот за информатичко општество и администрација.

Тој посочи пример како со отворените податоци може да се развие бизнис. Односно, како што рече од објавувањето на податоците од сензорите поставени на раскрсниците, ќе може да се направи апликација која корисникот ќе го известува каде има сообраќајна гужва и ќе му нуди други правци за да не заглави во метеж. Друг пример е случајот на Британија, односно со апликацијата за квалитетот на услугата што ги нудат болниците или училиштата.

– Одлуката во кое училиште да го запишат своето дете британците ја носат според, отворените податоци за училиштата кои даваат јасна слика за услугите што го нудат училиштата. Тоа што како позитивен пример од кај нас ќе биде исто така дел од порталот е и софтверот за трошоците на функционерите – рече Манчевски, посочувајќи дека МИОА во моментов МИОА го доработува порталот за отворени податоци.


МИОА следната година ќе ја реформира администрацијата преку електронски проекти


Скопје, 6 декември, 2017 - 16:56 (META) 

Очекувам новата стратегија за реформа на јавната администрација да биде испратена до Владата пред крајот на оваа година, рече министерот Дамјан Манчевски на денешната презентација на буџетот за 2018 година на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Тој  вели дека реформата на администрацијата следната година ќе се насочи главно кон дигитализацијата на администрацијата, преку неколку проекти, на кои ќе се потрошат 146,5 милиони денари, односно 2,37 милиони евра. Меѓу нив се унапредување на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), како и надградба на постојниот електронски систем за управување со документи, а ќе се воведе и целосно нов систем за електронска наплата на административните такси.

Сепак, главни од реформите на администрацијата ќе бидат создавање централен електронски регистар на население и нов национален портал за е-услуги.

– Граѓаните ќе добијат сопствен електронски идентитет со кој ќе може да се идентификуваат и да добиваат електронски услуги од институциите. Електронскиот регистар на население ќе ги реши бројните проблеми на граѓаните што ги имаа со многу различни бази на податоци, на различни институции. Меѓу другите, конечно и дефинитивно ќе го решиме проблемот со избирачкиот список – рече Манчевски.

И тој и новиот национален портал за е-услуги ќе се развиваат заедно со ЕУ, појасни Манчевски.

Порталот за е-услуги, кој е целосно нов, ќе биде пуштен следната година.

–  Значително ќе се зголеми бројот на услугите што државата ги нуди на граѓаните по електронски пат. Овој проект опфаќа сериозни инвестиции во опрема, но исто така и сериозни зафати во делот на законската регулатива – порача министерот за информатичко општество и администрација.

Тој појасни и дека се планира да се инвестира во нова побезбедна систем-сала, во која ќе се смести најголемиот дел од опремата во државна сопственост, која е чувстителна од аспект на националната безбедност и заштитата на податоците на граѓаните.


МВР поднесе три кривични пријави против градоначалникот на Неготино


Неготино, 19 септември, 2017 - 13:39 (META) 

Полицијата во Неготино поднела три кривични пријави против градоначалникот на општината, Ванчо Апостолов, кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат од МВР, првата кривична пријава е поднесена бидејќи градоначалникот од 2014 до 2017 година без тендерска постапка склучил договор со локален интернет-портал за рекламирање на општината, објавување огласи и конкурси, текстови за тековното работење и за други услуги од информативен карактер. На порталот за услугите во овие четири години му исплатени вкупно 480.000 денари (околу 7.800 евра), односно сумата за која МВР го товари Апостолов дека го оштетил буџетот на Општината.

Со втората кривична пријава, градоначалникот е осомничен дека кон крајот на 2015 година издејствувал Советот на Општината да го прифати барањето фирмата „Рудуна енергија“ за ослободување од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на фотонапонска електроцентрала, во кое тој бил еден од содружниците и основачите.

„Спротивно на Законот за судир на интереси, со одлука на Советот на Општина Неготино, друштвото е ослободено од плаќање надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари (28.700 евра), со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет“, стои во соопштението на МВР.

Апостолов е осомничен и дека кон крајот на јули оваа година донел решение за престанување на мандатот на в.д. директорот на Основното училиште „Страшо Пинџур“, кој бил поставен на оваа функција кон средината на октомври 2015 година. Според полицијата, градоначалникот не ги испочитувал роковите на траење на мандатот на вршител на должност на некоја функција.


Промовиран портал за електронски набавки, во соработка со ЕБОР


Скопје, 17 септември, 2015 - 15:59 (META) 

Стопанската комора на Македонија во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) организираше презентација на порталот за електронски набавки.

Порталот ECEPP им овозможува на клиентите на Европската банка за обнова и развој да спроведат електронска набавка на стоки и на услуги за проекти во јавниот сектор, финансирани во целост или делумно од ЕБОР.

Откако ќе направат едноставен процес на регистрација, новиот систем на доставувачите им овозможува да ја добијат тендерската документација за договори во согласност со политиките и со правилата за набавка на ЕБОР по електронски пат, без никакви трошоци.

Порталот ECEPP овозможува доставувачите да поднесат шифрирана електронска понуда, гарантирајќи безбедност и доверливост, а потоа во исто време преку интернет се отвораат понудите, по конкретниот завршен рок за поднесување понуди, со автоматско известување до сите учесници околу клучните тендерски податоци.

На презентацијата присуствуваа триесетина претставници на компании-членки на Стопанската комора на Македонија. АД МЕПСО е првиот македонски корисник на платформата за Е-набавки на ЕБОР.

Подетални информации може да се добијат на следниот линк:  http://www.ebrd.com/. Порталот за Е-набавки како пилот-проект се спроведува во Македонија, Косово и во Молдавија.


Веб-страница за вработените во администрацијата


Скопје, 9 февруари, 2015 - 16:49 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација денеска ја промовираше веб-страницата administracija.mk, наменета за сите вработени во јавната и во државната администрација.

На веб-страницата се наоѓаат сите законски акти што се однесуваат на администрацијата, каталогот на работни позиции, кој содржи 3.300 работни места, и 12 примероци за систематизација што треба да бидат олеснување за институциите да ја направат сопствената систематизација.

Веб-страницата се промовира во пресрет на стапувањето на сила на двата закона за вработените во администрацијата, кои ќе почнат да се применуваат од 13 февруари.

– Секоја институција треба да ја усогласи постојната систематизација со каталогот на работни позиции и да ја достави новата систематизација на одобрување до Министерството за информатичко општество, а потоа да се внесат сите вработени во новиот електронски систем за раководење со човечки ресурси. Откако тоа ќе го завршат, ќе можат да почнат постапки за нови вработувања, доколку им се потребни. Ако еден од овие чекори не е исполнет, тогаш институцијата не ќе може да спроведе оглас за нови работни места – појасни министерот за информатичко општество, Иво Иваноски, на денешната промоција.

Тој истакна дека доколку има потреба од нова работна позиција која не е опфатена со каталогот, тогаш институцијата што го бара новото работно место, ќе треба да направи добра анализа со која ќе оправда зошто е тоа неопходно.

Веб-страницата содржи и информации за сертифицирани центри за странски јазици, а преку неа граѓаните ќе може да се информираат и за новините од реформите во администрацијата.