fbpx

Интерпретирајќи го претседателот Радев, бугарски портал ја промаши изјавата

-

Во навистина куса вест за средбата вчера на бугарскиот претседател Румен Радев со бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, бугарскиот портал „Аларма“ си дозволи прекажување, односно слободна интерпретација на изјавата на Радев. И притоа сосема погрешно ја пренесе изјавата, односно ја прекрои изјавата и изнесе невистини за тоа што го кажал.

Така, порталот „Аларма“, на кој не пишува кој му е основач и сопственик, кој е во редакцијата, како и на која електронска или поштенска адреса може да се контактира редакцијата, „пренесува“ неколку делови  делови од изјава на Радев, во веста под наслов „Президентът Радев предупреди Северна Македония: Няма да се интегрирате в Европа за сметка на историческото ни наследство“ (Претседателот Радев ја предупреди Северна Македонија: Нема да се интегрирате во Европа за сметка на нашето историско наследство).

Тоа се изјавата „Нема да дозволиме нерешени меѓусоседски прашања да влезат во нашето европско семејство“ и „Ако не, прашањата ќе се внесат во бугарскиот парламент и нема да дозволиме нерешени меѓусоседски проблеми да влезат во нашето европско семејство“, како втората изјава пренесена од „Аларма“, за која вели дека содржи повторување од страна на Радев.

Но, работите не се баш такви. Ако се погледне соопштението на веб-страницата на бугарскиот претседател и изјавите содржани во него, се гледа дека Радев не го кажува тоа што порталот го пишува. Иако „Аларма“ прилично точно го пренесува зааканувачкиот тон на Радев, изјавите ги крои многу лошо.

Во соопштението на официјалната веб-страница има повеќе изјави на Радев. Во првата, тој на членовите на Заедничката комисија им порачува дека ако за еден месец се решат сите спорни прашања, Бугарија, преку нејзината влада, треба да ја продолжи безусловната поткрепа на Северна Македонија за нејзино зачленување во Европската Унија (ЕУ).

Во соопштението се појаснува дека шефот на бугарската држава рекол оти ако не може да се даде гаранција за таков напредок, „владата треба да преземе екстремни мерки за изработка на нова национална позиција со јасни барања и критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес, коишто треба да бидат изрично внесени во преговарачката рамка за Република Северна Македонија како задолжителен услов за членство. Со таа нова позиција треба да биде запознат и бугарскиот парламент“.

Значи, со новата позиција да биде запознаен и бугарскиот парламент, а не „прашањата ќе се внесат во бугарскиот парламент“, како што пишува „Аларма“, бидејќи само Владата на Бугарија или пратеник или пратеничка група може да ги внесе на дискусија во парламентот, но не и претседателот Радев.

Потоа Радев вели дека „Бугарија треба да продолжи да ја поткрепува европската интеграција на Северна Македонија. Секогаш сум настојувал ние да бидеме најактивните застапници на таа кауза, но при јасни услови“, посочи Радев појаснувајќи дека таа отворена, коректна и конструктивна позиција „ќе биде од полза на ЕУ, зашто нема да дозволи нерешени меѓусоседски проблеми да се внесат во нашето европско семејство и Бугарија ќе покаже зрелост и одговорност за стабилноста на Унијата“.

Значи, „нема да се дозволи“, во контекст и на ЕУ и Бугарија, а не „нема да дозволиме“, а не како што „Аларма“ пишува во веста со наслов. И, на крајот, по природата на нештата, бугарската влада е таа што нешто може да блокира или да потпомогне во врска со евроатлантските напори на Северна Македонија, но не и претседателот на Бугарија.

Оттаму, и самиот наслов на веста, односно „Президентът Радев предупреди Северна Македония: Няма да се интегрирате в Европа за сметка на историческото ни наследство“ (Претседателот Радев ја предупреди Северна Македонија: Нема да се интегрирате во Европа за сметка на нашето историско наследство), се исто така неточни, оти Радев, иако секако може да влијае на владата и на парламентот, не може да им наметне свој став. Посебно ако се земе предвид дека не само за Северна Македонија, туку и за други прашања, Радев и владата на Борисов се во постојани препирки и судири.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...