Граѓаните на литванскиот град Вилнус и полскиот Љублин се поврзаa преку „портал“

Вилниус
фото: Официјална веб-страна за туризам и бизнис на Вилниус / govilnius.lt

Градовите Вилниус во Литванија и Љублин во Полска со иновативно решение ги зближуваат своите граѓани кои повеќе од една година, поради пандемијата, не можат да патуваат и да запознаваат нови луѓе.

Од главниот град на Литванија соопштија дека во близина на железничката станица е поставен „портал“, преку кој луѓето ќе можат во реално време да контактираат со граѓаните на полскиот град Љублин, оддалечен околу 600 километри. Ист таков портал е поставен и на главниот плоштад во Љублин. Порталите всушност претставуваат големи кружни екрани, на кои се прикачени и камери што постојано емитуваат снимки во живо од двата града.

Футуристичките портали претставуваат дигитален мост помеѓу Вилниус и Љублин, а според нивните создавачи, треба да ги охрабрат луѓето „да го преиспитаат значењето на единството“. Иницијаторот на оваа идеја, Бенедикташ Гилис, проектот го опишува како покана за надминување на предрасудите и несогласувањата кои му припаѓаат на минатото.

„Човештвото се соочува со многу потенцијално смртоносни предизвици, било да е тоа социјалната поларизација, климатските промени или економските проблеми. Меѓутоа, ако погледнеме внимателно, овие предизвици не се предизвикани поради недостаток на брилијантни научници, активисти, лидери, знаење или технологија. Тоа е поради трибализмот, недостатокот на емпатија и тесната перцепција на светот, кој често е ограничен на нашите национални граници“, вели Гилис.

Кружниот дизајн е направен од страна на инженери од Центарот за креативност и иновации при Техничкиот универзитет во Вилниус. На него се работело пет години, а креаторите одлучиле да го постават токму сега, за време на пандемијата, додека движењето на луѓето сѐ уште е ограничено.

Од литванскиот град соопштија дека овој портал е само почеток и дека наскоро Вилниус ќе постави нови портали кои ќе бидат поврзани со десетици други градови низ Европа и светот.