!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

АРМ вежбајќи за утре ги вознемири скопјани со плотун


Скопје, 17 август, 2017 - 19:52 (META) 

Силен татнеж вечерва, околу 19 часот ги вознемири скопјани. Од МВР за „Мета“ соопштија дека станува збор за истрелан плотун, како дел од подготовките на Армијата на Република Македонија, за утрешното одбележување на 18 Август – Денот на АРМ.

Од Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ претходно соопштија дека пред почетокот на утрешната централна свеченост, од касарната „Илинден“ ќе бидат истрелани 10 плотуни од артилериски орудија.

По татнежот, на социјалните мрежи се појави реакции од граѓани, кои прашуваа „што се случува“.


Џафери ќе ги распише локалните избори утре во 12 часот во Собранието


Скопје, 5 август, 2017 - 15:39 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утре ќе ги распише локалните избори, кои треба да се одржат на 15 октомври, информираат од кабинетот на претседателот.

„Претседателот на Собранието, Талат Џафери, в недела, на 6 август, во 12 часот ќе потпише решение за распишување избори за членови на советите на општините и на советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје“, се вели во соопштението.

Џафери неодамна информираше дека 6 август е краен рок за да ги распише локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Од подготовките на арената „Филип Втори“, остана уште паркиралиштето за репортажни возила


Скопје, 23 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека ако не се одржи Суперкупот на УЕФА на Национална арена „Филип Втори“, виновна за тоа ќе биде власта на СДСМ.

– До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано од наша страна. Единствените обврски што остануваат да се реализираат пред да дојде последната најавена посета од стручните лица на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што треба да бидат сместени репортажните возила за ТВ-преносот на Суперкупот – рече Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на партијата, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека нема сериозни пропусти во поглед на подготовките правени од претходната власт.

– Единствено треба да се обезбеди буџет за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со што сè би било реализирано во наредните 10 дена. Одржувањето на Суперкупот не смее во ниту еден случај да биде загрозено. Време за губење нема – рече Арсовски.


ДУИ ја почнува предизборната кампања, во фокусот ќе бидат гласачите од дијаспората


Тетово, 23 октомври, 2016 - 16:09 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) како дел од албанскиот политички блок ќе освои најголем број гласови и демократски е таа да биде дел од новата влада. Ова денеска го изјави шефот на изборниот штаб на ДУИ, Беким Незири, откако лидерот на партијата, Али Ахмети, во партиското седиште во Мала Речица, одржа состанок со централниот изборен штаб, општинските изборни штабови и со повеќе разграноци на партијата.

– Апсолутно демократско право е дека треба да се почитува гласот на граѓаните на Македонија и ние остануваме на тој курс, односно на ставот дека секогаш гласот на народот е тој што треба да се престави во Собрание или во кои било други институции – изјави Незири.

На денешната средба, како што рече Незири, Ахмети дал сигнал да се почне со активностите кои се предвидени за време на предизборната кампања. Особено внимание на овие избори, ДУИ ќе посвети на гласачите од дијаспората.

– За овие избори имаме подготвено посебна стратегија за дијаспората, која според нашата партија многу придонела за државата – рече Незири.

Тој додаде дека ДУИ ќе настапи сама на престојните избори, закажани за 11 декември.


Турција се подготвува за враќањето на мигрантите од Грција


Анкара, 2 април, 2016 - 13:55 (META) 

Турција ги подготвува двата центри за регистрација на мигрантите кои од понеделник (4 април) треба да бидат вратени од Грција, согласно договорот меѓу Европската унија и Анкара, соопштија турски официјални претставници.

Подготовките се почнати во летувалиштето Чешме и провинцијата Измир, која се наоѓа наспроти остворот Хиос, кој е една од главните дестинации за мигрантите, изјавил гардоначалникот на Измир, Мухитин Далгич, додавајќи дека таму ќе бидат подигнати шатори каде ќе можат да се регистрираат мигрантите.

Турските официјални претставици нагласуваат дека овие центри не се кампови за бегалци туку транзитни места од кои мигрантите потоа ќе бидат префрлани во бегалските кампови, што е можно побргу.

Од друга страна, „Би-би-си“ пренесува дека расте загриженоста поради недоволните подготовки во камповите за враќањето на мигрантите од Грција во Турција.

„Има многу малку знаци кои укажуваат на тоа дека кампот е готов“, јавува репортерот на британскиот национален сервис од еден од камповите во Турција.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција, кој треба да почне да се спроведува од понеделник, мигрантите кои пристигнале илегално во Грција ќе бидат вратени назад во Турција. Договорот, исто така, предвидува, дека за секој вратен Сириец, еден сириски мигрант од Турција ќе биде префрлен и сместен во земјите од ЕУ, а предност ќе имаат оние кои досега не се обиделе нелегално да влезат во ЕУ.

Враќањето на мигрантите во понеделник ќе почне од островот Лезбос. Тие најпрво со автобуси ќе бидат префрлениа, а потоа качени во специјални бродови, со силно обезбедување, односно на секој мигрант ќе има по еден полицаец, соопштиле за агенциите грчки официјални претставници.


Северна Кореја подготвува ново лансирање ракета, тврдат претставници на САД


Пјонгјанг, 28 јануари, 2016 - 18:00 (META) 

Севера Кореја можно е да подготвува лансирање ракета, јавуваат светските агенции, кои се повикуваат на информации од претставници на САД.

Сомневањата тие ги темелат на зголемените активности што биле забележани кај севернокорејската станица за лансирање сателити, Сохае.

Според претставниците на американските власти, на кои се повикуваат светските агенции, можно е да станува збор за лансирање сателит или вселенско возило, но нема индикации дека е можно да се работи за балистички проектил.

Во исто време, Советот за безбедност на Обединетите нации расправа за воведување нови санкции кон Северна Кореја откако на 6 јануари годинава, режимот во Пјонгјанг објави дека било извршено успешно тестирање на „минијатурна“ хидрогенска бомба. Станува збор за четврта нуклеарна проба на Северна Кореја и покрај санкциите на ОН.


Најавите дека Брегалница ќе игра со калчолигаши, засега само теорија


Штип, 24 јуни, 2015 - 16:59 (META) 

Веста дека штипскиот фудбалски прволигаш Брегалница ќе игра со италијанските клубови Рома и Палермо, излезе дека е обична шпекуација.

Во објавената вест, која ги обиколи македонските медиуми изминатиот викенд, пишуваше дека менаџерска агенција ги договорила натпреварите со калчолигашите Рома и Палермо, кои, наводно, треба да се одиграат во јули кога Брегалница ќе замине на подготовки во северниот дел на Италија.

Веста беше изненадување и за управата на ФК Брегалница. Кој ги договорил средбите, каде и за кога, никој не знаеше да одговори.

Од штипскиот прволигаш велат дека е прерано да се зборува за контролни натпревари, во ситуација кога подготовките за есенскиот дел сè уште не се почнати.

Информацијата ја израдува фудбалската публика, иако во коментарите по социјалните мрежи почесто можеше да се прочита поголема доза резерва отколку радост.

ФК Брегалница во пролетниот дел од сезоната се бореше за опстанок во Првата фудбалска лига и под водство на новиот тренер, Влатко Костов, заврши на седмата позиција. Во новата сезона, клубот влегува без голманот Филип Гачевски, кој е новиот македонски рекодер со најголема минутажа без примен гол, кој заминува во екипата на првакот Вардар.

В.К.