Турција ги подготвува двата центри за регистрација на мигрантите кои од понеделник (4 април) треба да бидат вратени од Грција, согласно договорот меѓу Европската унија и Анкара, соопштија турски официјални претставници.
Подготовките се почнати во летувалиштето Чешме и провинцијата Измир, која се наоѓа наспроти остворот Хиос, кој е една од главните дестинации за мигрантите, изјавил гардоначалникот на Измир, Мухитин Далгич, додавајќи дека таму ќе бидат подигнати шатори каде ќе можат да се регистрираат мигрантите.
Турските официјални претставици нагласуваат дека овие центри не се кампови за бегалци туку транзитни места од кои мигрантите потоа ќе бидат префрлани во бегалските кампови, што е можно побргу.
Од друга страна, „Би-би-си“ пренесува дека расте загриженоста поради недоволните подготовки во камповите за враќањето на мигрантите од Грција во Турција.
„Има многу малку знаци кои укажуваат на тоа дека кампот е готов“, јавува репортерот на британскиот национален сервис од еден од камповите во Турција.
Според договорот меѓу ЕУ и Турција, кој треба да почне да се спроведува од понеделник, мигрантите кои пристигнале илегално во Грција ќе бидат вратени назад во Турција. Договорот, исто така, предвидува, дека за секој вратен Сириец, еден сириски мигрант од Турција ќе биде префрлен и сместен во земјите од ЕУ, а предност ќе имаат оние кои досега не се обиделе нелегално да влезат во ЕУ.
Враќањето на мигрантите во понеделник ќе почне од островот Лезбос. Тие најпрво со автобуси ќе бидат префрлениа, а потоа качени во специјални бродови, со силно обезбедување, односно на секој мигрант ќе има по еден полицаец, соопштиле за агенциите грчки официјални претставници.