Заев вели дека во ПИ-мерките немало поткуп, судењето продолжува на 30 април


Скопје, 16 април, 2018 - 15:10 (META) 

На денешното двочасовно рочиште за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, без присуство на јавноста, во Кривичниот суд беа преслушани сите разговори обезбедени со Посебни истражни мерки (ПИМ) и беа прочитани и СМС-пораките.

По завршувањето на рочиштето Заев рече дека ниту во разговорите ниту пак во СМС-пораките немало договарање поткуп.

– Апсолутно нема ништо што е поврзано со обидите за да бидам осомничен како лице кое земало поткуп или правело напори да земе поткуп. Во сите овие разговори зборуваме со службеници од општина Струмица, како и со Иван Николов за да се забрзаат постапките, како течат постапките со сите процедури и конечната цел е да се заврши работата која што странката ја има пред општината – рече Заев.

Посочи дека знаел какви може да бидат разговорите и оти сè е комплетно чисто.

– Комплетно е чисто. Јас и знаев какви може да бидат разговорите, заради тоа кога немате ништо ни помислено, не можат да бидат и други разговорите. Доказ е дека одредени предмети веќе се завршени и во тој период никој не побарал ниту пари, ниту било што и тоа само по себе потврдува дека се работи за монтиран процес – додаде премиерот.

Адвокатите на Заев рекоа дека Апелацискиот суд сè уште нема донесено одлука по жалбата на Обвинителството и не се знае дали јавноста ќе може да ја слуша и да ја види целосната снимка, чии делови веќе беа објавени на каналот „Јутјуб“ и која е доказ во оваа постапка.

Следното рочиште за случајот „Поткуп“ е закажано за 30 април.

Зоран Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.


Продолжува судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет Заев


Скопје, 16 април, 2018 - 9:51 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, на денешното рочиште за предметот „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев за барање поткуп во времето кога беше градоначалник на Струмица, треба да продолжи слушањето на разговорите од посебните истражни мерки (ПИМ).

Снимките кои ги обезбедил струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, од кои еден дел можеше да види јавноста на „Јутјуб“, почна на минатото рочиште, во четвртокот, без присуство на јавноста. Заев и неговите адвокати побараа оваа снимка да биде презентирана јавно, бидејќи, според нив, снимката која беше објавена на „Јутјуб“, а со која се создаде впечаток дека Заев барал поткуп, е нецелосна.

Според Заев, во разговорите апсолутно нема никакви докази и оти станува збор за редовни комуникации на тогашен градоначалник со осомниченото лице и сите други лица, како што се директори на институции, граѓани кои се јавуваат кај тогашниот градоначалник на Струмица.

Заев рече дека не ја знае точната бројка на сите разговори, но оти се работи за преку 10.000 разговори, дел направени како ПИ-мерки, а дел снимени без вклученост на обвинителството.

Адвокатите на Заев побараа исказот на сведокот Сачевалиев од претходното рочиште да не биде прифатен како доказ во постапката. Тие сметаат дека судската постапка не може да се базира на неговиот исказ бидејќи тој бил агент-провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп. За ова барање Судечкиот совет најави дека дополнително ќе се изјасни.


Во Кривичен суд денеска ќе се гледа целата снимка за „Поткуп“


Скопје, 26 март, 2018 - 9:34 (META) 

Во судењето за случајот „Поткуп“, во кое актуелниот премиер Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Општина Струмица барал поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Сачевалиев, на денешното рочиште во Основен суд Скопје 1 ќе се прикаже целата снимка, на која и се темели случајот.

На досегашните рочишта, Заев тврдеше дека снимката е нецелосна и недостигаат два дела, поради што јавноста стекнала погрешен впечаток.

На барање на одбраната на обвинетиот, на минатото рочиште пред една седмица, Судечкиот совет на Кривичен суд одлучи снимката, која е клучниот доказ на обвинителството против него, да биде емитувана јавно, иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка – тајно снимање.

Претходно делови од снимениот материјал беа објавени на „Јутјуб“.

– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста – рече Заев минатиот понеделник пред Кривичниот суд.

На денешното рочиште, според најавите на судот, исказ треба да даде клучниот сведок, бизнисменот Сачевалиев, кој тврди дека Заев му побарал поткуп.

Според Обвинителството, Заев во својство на градоначалник на Струмица во 2013 година побарал поткуп од струмичкиот бизнисмен од приближно 160.000 евра за приватизација на градежно земјиште.


Прифатени ПИ-мерките, почна судењето на Заев за „Поткуп“


Скопје, 6 март, 2018 - 12:41 (META) 

Судијата Дарко Тодоровски го одби предлогот на одбраната на премиерот Зоран Заев за случајот „Поткуп“ да бидат отфрлени Посебните истражни (ПИ) мерки на обвинителството како незаконски и да не се користат како докази во процесот.

Советот реши дека ПИ-мерите се стекнати легално и на законски начин. Станува збор за снимката со која беше објавена на „Јутјуб“ и на неколку национални телевизии, позната како „Едно евро за Вицето“.

Во Основен суд Скопје 1 со тоа започна судењето по обвинението од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Заев се товари дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 163.924 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за купување градежно земјиште. Заев на денешното рочиште треба да се изјасни дали се чувствува виновен.

На досегашните рочишта одбраната бараше видео снимките обезбедени со ПИ-мерки да се отфрлат како докази во постапката затоа што веќе биле објавени на видео сервисот „Јутјуб“. Тоа не беше одобрено од  Кривичниот суд, но потоа на 28 декември лани Апелациски суд – Скопје ја укина одлуката на Основен суд Скопје 1 снимката да биде дел од доказниот материјал и нареди предметот да се врати на повторно одлучување во првостепениот суд.


Заев дојде на „Поткуп“, судењето одложено за 26 февруари, обвинителот бил на службен пат


Скопје, 29 јануари, 2018 - 10:36 (META) 

Денешното рочиште за случајот „Поткуп“ во кое обвинет е премиерот Зоран Заев, се одложи за 26 февруари, бидејќи не беше присутен обвинителот Владимир Милошевски. Тој, како што соопшти судијата Дарко Тодоров, во петокот го известил судот дека поради оправдани причини, односно службено патување, нема да може да присуствува на рочиштето.

Во Основниот суд Скопје 1 на Заев му се суди по обвинение дека како градоначалник на Општина Струмица од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Изминатите три рочишта се одложуваа поради барање на одбраната видео снимките обезбедени со посебни истражни (ПИ) мерки да се отфрлат како докази во постапката затоа што веќе биле објавени на видео сервисот Јутјуб. Тоа беше одобрено од  Кривичниот суд, но потоа на 28 декември лани Апелациски суд – Скопје ја укина одлуката на Основен суд Скопје 1 снимката да биде дел од доказниот материјал и нареди предметот да се врати на повторно одлучување во првостепениот суд.

На денешното рочиште, судијата Тодоров рече дека на следното рочиште ќе биде повикан и сведокот Иван Николов Сачевалиев.

Заев за медиумите изјави дека очекува брза и транспарентно судење, бидејќи, како што рече, важно за него како политичар и за функцијата што ја извршува е да има чист образ.


Апелација: Кривичен повторно да одлучува дали ќе се користат снимките со Заев за „Поткуп“


Скопје, 28 декември, 2017 - 13:49 (META) 

Кривичниот суд повторно ќе треба да одлучува дали снимката од посебните истражни мерки ќе се користат како доказ во судскиот процес за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Апелацискиот суд денеска соопшти дека донел одлука со која се укинува претходната одлука на Кривичниот суд – снимката да биде дел од доказниот материјал, и предметот да се врати на повторно одлучување во првостепениот суд.

Апелација одлучуваше по жалбата на одбраната на Заев, која бара снимката од ПИ-мерките да биде издвоена од доказниот материјал бидејќи делови од неа се објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.

Според Апелацискиот суд претседателот на Советот што го суди предметот го прекршил законот бидејќи одлуката за снимката ја донел вон рочиштето за главна расправа.

Инаку, претседател на судечкиот совет во случајот „Поткуп“ беше Дијана Груевска – Илиевска. Таа повеќе нема да го суди овој случај бидејќи со новиот распоред на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев е префрлена од Одделението за организиран криминал во Одделението за кривично полнолетни.


Одложено судењето на Заев за „Поткуп“, се чека одлука на Апелација за снимките


Скопје, 25 декември, 2017 - 11:00 (META) 

Денешното рочиште од судењето за случајот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев се одложи за 29 јаниуари, следната година, бидејќи предметот е во Апелацискиот суд Скопје кој треба да одлужува по жалбата на Заев околу користењето на посебните истражни мерки (ПИМ) како доказ во судската постапка.

Одбраната на Заев бара снимката од ПИ-мерките да не се користи како доказ, бидејќи делови од неа беа јавно објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.

Одговарајќи на новинарски прашања по рочиштето, Заев рече оти очекува Апелација да ја прифати жалбата, но, како што додаде, ќе ја почитува одлуката на судот, каква и да биде таа.

– Жалбата е суштествена во самата постапка и се однесува на тоа дали јавно објавените ПИ-мерки во продолжение на рочиштето ќе бидат доказ или не. Јас сакам таа снимка да биде јавно достапна за да може да ја видат сите комплетно, без деловите каде е пресечена заради тоа што не само што сум убеден во добивањето на правдата и потврдувањето на мојата невиност затоа што извршувам висока политичка функција – рече Заев.

Инаку, јавната седница на која Апелацискиот суд треба да ја разгледува жалбата на одбраната на Заев е закажана за денеска.

Последната седница на Апелација беше одложена на неопределно време бидејќи судијата Африм Фидани, кој беше судија-известител за предметот, е избран за судија во Врховниот суд.

Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет за барање и за земање на поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на земјиште.


Апелација денеска ќе одлучува дали снимките за Заев ќе бидат доказ во „Поткуп“


Скопје, 27 ноември, 2017 - 10:01 (META) 

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да одржи седница на која ќе ја разгледува жалбата на одбраната на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки (ПИМ) да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, во кој Заев е обвинет.

Адвокатите на Заев, претходно, од Кривичниот суд побараа да ги издвои овие снимки од доказниот материјал, но судот го одби нивното барање и донесе решение тие да бидат доказ.

Одбраната и Заев бараат снимките да не бидат доказ бидејќи веќе биле објавени во јавноста, односно делови од нив биле ставени на видеосервисот „Јутјуб“, а потоа преземени и објавени од медиумите.

Поради чекањето на одлуката на Апелацискиот суд, минатата недела беше одложено рочиштето за „Поткуп“, а следното е закажано за 25 декември.

Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште.


Одложено рочиштето за „Поткуп“, се чека одлука од Апелација за ПИ-мерките


Скопје, 20 ноември, 2017 - 9:58 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска дојде во Основниот суд Скопје 1, каде требаше да се одржи рочиште за случајот „Поткуп“, но, како што соопшти Заев, кој е обвинет, тоа е одложено бидејќи Апелацискиот суд сè уште не одлучил по жалбата на одбраната за користењето на снимките од посебните истражни мерки како доказ во судењето.

Заев во изјава за медиуми појасни дека станува збор за видеоснимките направени со посебни истражни мерки и јавно објавени на видеосервисот „Јутуб“. Според одбраната на премиерот, поради јавното објавување на снимките, тие доставиле жалба до Апелацискиот суд против одлуката на Кривичен суд, кој претходно одлучи овие снимки да се користат во доказната постапка.

– Судот не може да работи додека не ја добие одлуката на Апелацискиот суд Скопје во врска со нашата жалба – рече Заев, додавајќи дека следното рочиште е закажано за 25 декември.

Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште.


Рочиштето за „Поткуп“ одложено за 4 мај, Заев бара копии од наредбите за ПИ-мерки


Скопје, 3 април, 2017 - 12:40 (META) 

Рочиштето за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска беше повторно одложено, откако адвокатите на одбраната побараа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да им достави копии од доказите за случајот.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати барањето на одбраната и следното рочиште го закажа за 4 мај, кога треба да почне главната расправа со воведните зборови на обвинителството и на одбраната.

– Ќе ни биде овозможено да добиеме преписи, односно копии од доказите за да можеме да ги подготвиме воведните зборови на 4 мај, кога ќе почне рочиштето со воведните зборови на одбраната и на обвинителството – рече Заев по завршувањето на рочиштето.

Тој и неговите адвокати ги бараат и наредбите од посебните истражни мерки (ПИМ) користитени во случајот, бидејќи, како што рече Заев, се сомневаат во законитоста на начинот на кој се обезбедени.

– Наредбите за посебните истражни мерки ги бараме уште од самиот почеток на кривичната постапка. Бараме да добиеме препис од наредбите за да имаме увид во начините со кои се обезбедени посебните истражни мерки и следењето на моите телефонски разговори. Во овој случај тоа не ни беше овозможено. Ние се сомневаме во законитоста на обезбедувањето на ПИ-мерките. Државното јавно обвинителство си ги разгледува овие разговори секојдневно и си отвора нови предистражни и истражни постапки – изјави Заев.

Инаку, лидерот на СДСМ во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на општина Струмица му побарал поткуп на бизнисменот Иван Николов од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.