!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Папата предупредува дека нуклеарниот пожар може случајно да почне


Ватикан, 8 јануари, 2018 - 17:17 (META) 

Папата Франциск во обраќањето познато како „Состојба во светот“ апелираше до сите нации да го поддржат дијалогот со цел да се намалат тензиите на Корејскиот Полуостров и да се работи на правно обврзувачката забрана на нуклеарното оружје.

– Нуклеарното оружје мора да биде забрането – изјави поглаварот на Римокатоличката црква, цитирајќи документ објавен од папата Јован Дваесет и трети за време на Студената војна.

Папата Франциск потенцираше дека „не може да се негира дека пожарот може да почне случајно или во непредвидени услови“.

Апелот на папата до дипломатите е еден ден пред разговорите помеѓу Северна и Јужна Кореја, кои ќе бидат насочени на учеството на севернокорејските спортисти на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја.

Папата упати повик и за зачувување на статус кво на Ерусалим, откако претседателот на САД, Доналд Трамп кон крајот на минатата година донесе одлука за признавање за главен град на Израел.

Тој се осврна и на климатските промени, повикувајќи ги државите да го почитуваат Парискиот договор за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.


Пјонгјанг нема да има нуклеарно оружје со дострел до САД, порачува Трамп


Вашингтон, 3 јануари, 2017 - 12:18 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, вели дека Северна Кореја нема да успее да направи нуклеарно оружје што би имало дострел до Соединетите Американски Држави.

„Северна Кореја соопшти дека е во финална фаза од развој на нуклеарно оружје способно да достигне до делови од САД. Тоа нема да се случи!“, напиша Трамп на својот официјален профил на „Твитер“.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун пред два дена изјави дека Пјонгјанг е блиску до тестирање интерконтинентална балистичка ракета.

Од друга страна, експертите веруваат дека Северна Кореја е сè уште далеку од ракетна технологија што ќе може да пренесе нуклеарна боева глава до територијата на САД.

Трамп, како што јавуваат светските агенции, упатил критики до Кина, изјавувајќи дека оваа земја профитирала од економските врски со САД, но дека не сака да помогне околу контролата на Северна Кореја.

„Кина преку едностраната трговија зеде голем дел од богаството од САД, но не сака да помогне околу Северна Кореја“, напиша Трамп на „Твитер“.


Трамп бара САД да го зајакнат и да го прошират својот нуклеарен арсенал


Њујорк, 22 декември, 2016 - 18:48 (META) 

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, вели дека САД треба во „голема мера да го зајакнат и да го прошират својот нуклеарен арсенал“.

Трамп, кој официјално треба да ја преземе претседателската функција следниот месец, на својот официјален твитер-профил напиша дека САД мора да преземат ваков чекор „сè додека светот не се вразуми во врска со нуклеарното оружје“.

Пораката на Трамп, како што пишува „Би-би-си“, следува неколку часа по изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој рекол дека Русија треба да го зајакне својот воено-нуклеарен потенцијал.

Според американското невладино Здружение за контрола на оружјето, САД поседуваат околу 7.100 нуклеарни боеви глави, а Русија – 7.300.


Пјонгјанг лансирал ракета од подморница


Пјонгјанг, 23 април, 2016 - 14:38 (META) 

Јужнокорејската војска тврди дека Северна Кореја лансирала балистичка ракета од подморница.

Ова го објави јужнокорејската агенција „Јонхап“, која претходно јави дека Сеул се подготвува за уште еден севернокорејски нуклеарен тест, петти по ред, затоа што забележала активност на возила и на луѓе на полигонот за нуклеарно тестирање Пунџе-ри.

„Јонхап“ потсетува дека сверенокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун на 15 март објави дека во краток рок ќе бидат изведени тестови за детонација на нуклеарни боеви глави за дополнително да се подобри способноста за нуклеарниот напад кој би го извел Пјонгјанг.

Јужна Кореја не очекувала дека лансирањето на ракетите ќе биде направено пред понеделник.


Г7: Потребни се дополнителни напори за нуклеарното разоружување


Хирошима, 11 април, 2016 - 12:58 (META) 

Шефовите на дипломатии на земјите од Групата 7 (Г7) денеска упатија апел од самитот во Хирошима дека е потребно да се вложат дополнителни напори за нуклеарното разоружување.

Во заедничкото соопштение од самитот на Г7, САД, Јапонија, Канада, Франција, Велика Британија, Италија и Германија ги осудуваат екстремистичките напади во светот, во Турција и во Белгија, во Нигерија, Брегот на Слоновата Коска и во Пакистан.

Министрите за надворешни работи на седумте индустриски најразвиени земји, исто така, ги осудија и севернокорејските нуклеарни проби и руската анексија на украинскиот полуостров Крим.

Дипломатите се заложиле за усвојување акционен план за борба против тероризмот на самитот што ќе се одржи до крајот на мај, исто така во Јапонија.