Њузвик: Русија конечно ја отфрли употребата на нуклеарно оружје во војната во Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков порача дека Русија не размислува да прибегне кон употреба на нуклеарно оружје во војната во Украина и го повтори ставот на официјална Москва дека употребата на такви средства би уследила само по „закана по постоењето“, пренесува Њузвик.

Во интервјуто за американската непрофитна медиумска мрежа ПБС, Песков беше запрашан да ги појасни коментарите од поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, кој наведе сценарија во кои Русија ги задржува правата за користење на нуклеарни оружја ако се соочува со закана по постоењето.

Русија има околу 6.000 нуклеарни боеви глави, а Медведев рече дека руската нуклеарна доктрина не наведува постоење на непријател како услов прва да употреби нуклеарни оружја.

Настапот на Медведев уследи по предупредувањето од претседателот на Русија, Владимир Путин, дека неговите нуклеарни сили се ставени во „висока готовност“ по инвазијата на Украина на 24 февруари.

Песков рече „ние немаме сомнеж“ дека Русија ќе ги оствари „сите цели на нашата специјална воена операција во Украина“, користејќи го притоа речникот што Москва го примени, „но каков било исход на операцијата, се разбира, не е причина за користење нуклеарно оружје“.

Песков нагласи дека употребата на нуклеарно оружје е предвидено само за случај на загрозување на постоењето.

„Ние имаме безбедносен концепт што многу јасно зацртува дека само кога има закана по постоењето на државниот апарат во нашата земја, ние може да користиме и всушност ќе користиме нуклеарни оружја за да ја елиминираме заканата по постоењето на нашата земја. Да ги разграничиме овие работи. Сакам да кажам, постоењето на државата и специјалната воена операција во Украина, немаат ништо заедничко едно со друго“, рече Песков, нагласувајќи дека коментарите на Путин за руските нуклеарни моќи биле „предупредување за некои држави да не се мешаат во работите меѓу Украина и Русија“.