fbpx

Бајден: Нуклеарниот ризик денес е најголем по кубанската криза од 1962 година

-

Ризикот од нуклеарен „Армагедон“ е на највисоко ниво по кубанската криза од 1962 година, предупреди американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Би-би-си. Бајден вели дека рускиот претседател Владимир Путин не се “шегува” кога говори за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина по загубите на фронтот од неговата војска.

Претседателот на САД предупредува од глобална ескалација на војната во Украина.

„За првпат од кубанската ракетна криза, ние имаме директна закана за употреба на нуклеарно оружје, доколку всушност работите продолжат да се одвиваат по патот по кој започнаа“, изјави Бајден.

Американскиот претседател додаде дека светот не се соочил со „можност за Армагедон уште од времето на Кенеди и кубанската ракетна криза“, дополнувајќи дека заканата на Путин е вистинска „бидејќи неговата војска, би можело да се каже, дека се покажала значително послаба од очекуваното“.

Инаку, предупредувањата на Бајден за кубатната ракетна криза се однесуваат на критичниот период од октомври 1962 година. 13-дневната ракетна криза во Куба откако Советскиот Сојуз започна со тајно инсталирање на нуклеарно оружје во Куба, што предизвика САД да реагираат на ваквиот чекор како директна закана за американската безбедност и да воведат целосна блокада на Куба. Тогашната опасност од нуклеарно уништување на светот заврши со договор меѓу САД и СССР, со кој Советскиот Сојуз го повлече нуклеарното оружје, а САД гарантираа дека нема да извршат напад на Куба.

Минатиот петок, рускиот претседател Владимир Путин кажа дека САД направиле преседан кога употребиле нуклеарно оружје против Јапонија на крајот на Втората светска војна и се закани дека Русија ќе ги искористи сите можни средства за да ја заштити руската територија.

Во меѓувреме, руската војска започна да губи територии на истокот и на југот на Украина, и тоа во Херсонскиот, Харкивскиот и Донецкиот регион. Во исто време, Русија се одлучи да изврши анексија на четири окупирани региони во Украина кон својата територија и веќе ја завршува формално-правната постапка за нивно приклучување кон Русија, и покрај предупредувањата од меѓународната заедница дека ваквиот потег преку организирање на квази-референдуми нема да го признаат.

Руската нуклеарна доктрина дозволува извршување на нуклеарен напад по „агресија врз Руската Федерација со конвенционално оружје кога е загрозено самото постоење на државата“. Ескалирачкиот елемент е што од минатиот петок, официјална Москва за свои територии ги смета четирите украински региони Херсон, Запорижја, Донецк и Луханск, чии територии делумно ги окупираше по воената агресија што ја започна во февруари годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...