Не постои радиоактивен облак кој се движи кон Западна Европа и не е точно дека во Полска е забележано зголемување на радијацијата. Во Хмелницики нивото на радијација е во дозволените граници и тоа е измерено од локалните власти и објавено. Ваквата дезинформација е веќе разоткриена од странски проверувачи на факти, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
Радиоактивен облак се движи кон Западна Европа, предупреди Москва. И мислите дека тоа ќе биде на насловна страница на вашите весници? „Во Полска е забележано зголемување на радијацијата“, изјави Николај Патрушев. Во прашање е уништувањето од страна на руските сили на складиште за муниција со осиромашен ураниум во Хмелницки. Ситуација која се должи на „помошта“ од Соединетите држави, кои „вршеа притисок врз своите држави сателити да му обезбедат ваков тип на муниција“ на режимот во Киев, подвлече секретарот на рускиот Совет за безбедност. Не е скржав со „помош“, Вашингтон веќе развива и користи хемиско и биолошко оружје, вклучително и на територијата на Украина, додаде функционерот.
Дезинформацијата се појави не само во Полска, туку и во Литванија.
Знаеме дека се шири таа дезинформација. Неколку граѓани веќе ни пријавија. Но, сè што е напишано во публикацијата е невистина. Немаше испуштање на радиоактивни материјали во животната средина и не е променета состојбата во смисла на радијација. Нема апсолутно никакви закани во смисла на повисока радиоактивност во животната средина, изјави Паулиус Ружеле, раководител на одделот за менаџмент на катастрофи од Центарот за заштита од радијација на Литванија.
И од Градскиот Совет на Хмелницки ја демантираа оваа дезинформација и наведоа дека е со цел да се шири паника. Оттаму им препорачаа на граѓаните да не паничат и да останат мирни.
За време на брифинг на 15 мај, Володимир Труш, претседател на локалната власт на Тернопил рече дека никаква муниција не експлодирала и потенцираше дека нема еколошки проблеми по градот.
После бомбардирањето на 13 мај 2023 експертите мереле присуство на штетни состојки во воздухот, водата и почвата, а анализите на квалитетот на водата, почвата покажале дека нивоата на радијација се во дозволените граници, што е показател дека нема закана по животот на луѓето.
Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Не постои радиоактивен облак кој се движи кон Западна Европа и не е точно дека во Полска е забележано зголемување на радијацијата. Во Хмелницики нивото на радијација е во дозволените граници и тоа е измерено од локалните власти и објавено.
Во врска со делот од постот во кој се вели дека наводно експлодирал осиромашен ураниум, за тоа нема никакви докази. Вистиномер и претходно рецензираше постови во коишто се ширеа дезинформации за тоа дека на територијата на Украина има хемиско и биолошко оружје.
***
Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.