МВР: Прво законски измени, потоа издавање на лични документи со новото име


Скопје, 11 февруари, 2019 - 15:49 (META) 

Граѓаните ќе добијат лични документи со новото име, откако ќе се сменат законите и подзаконските акти кои го регулираат изгледот и употребата на личните документи на граѓаните, информираа од МВР за „Мета“.

– По објавувањето во „Службен весник“ на одлуката за стапување во сила на името „Република Северна Македонија“ ќе се сменат законите и подзаконските акти кои го регулираат изгледот и употребата на личните документи на граѓаните. Потоа, согласно законските одредби, ќе биде спроведена јавна набавка и ќе бидат набавени обрасците за новите лични документи. До тогаш граѓаните непречено можат да ги користат постојните лични документи. За каква било промена, граѓаните ќе бидат навремено информирани – информираат од МВР.


Документи со новото име граѓаните ќе добиваат откако МВР ќе направи набавка


Скопје, 11 февруари, 2019 - 11:49 (META) 

Личните документи со новото име Република Северна Македонија, односно пасоши, лични карти, возачки дозволи … граѓаните ќе може да ги добиваат откако, Владата ќе го објави во Службен весник датумот на влегување во сила на Уставните амандмани и Уставниот закон.

Протоколот од Атина се очекува да биде испратен денеска.

На прашањето, кога граѓаните ќе почне да добиваат документи со новото име, портпаролот на Владата, Миле Бошњакоски за „Мета“ одговори дека откако нотата ќе биде испратена и ќе биде објавено во Службен весник, потоа МВР треба да распише јавна набавка за новите документи.

„МВР треба да набави нови пасоши, документи. Нема ограничување за тоа, дали додека трае набавката на документите граѓаните ќе можат да вадат нови, бидејќи ќе си добијат документи по старо, кои потоа ќе треба да ги заменат во рок од пет години“, одговори Бошњакоски.

„Мета“ чека од одговор од МВР колку време ќе трае процедурата за набавка на нови документи.

Инаку, веќе почна промената на натписите и таблите на државните органи и Собранието, а утринава владината зграда осамна без натписот „Влада на Република Македонија“.


Преводот на државјанството на албански е погрешен велат експертите


Скопје, 16 јануари, 2019 - 15:34 (META) 

Правилната форма на државјанството напишано на личните документи на албански јазик треба да биде државјанство „на Македонија“ („E Maqedonisë”), а не како што се користи со години и како што се повторно се инсистира да се пишува – „Maqedonisë” (македонско). Ова е оценката на експертите за тоа колку се почитуваат стандардите на албанскиот јазик при преводот од македонски  на називот на државјанството, со уставните измени предвидени со Преспанскиот договор, пишува Порталб.мк.

Според амандманот, покрај името на државата, ќе се промени и називот на државјанството:
– Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија
– Maqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë së Veriut
– Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia

Oваа форма предизвика реакција од експертите за непочитување на правилата на албанскиот јазик и според нив „Македонско“ требало да се преведе како „E Maqedonisë” („На Македонија), а не како што сега „Maqedonisë“.

– Формулацијата на новиот назив на државјанството на албански „Maqedonisë/ граѓанин на Република Северна Македонија“, лингвистички е неточна, бидејќи не постои членот „е“ за определување на генитивот. Во албанскиот јазик сопственоста или припадноста се изразува и според родот. Но во оваа формулација се користи падежот датив. Најверојатно овој пропуст е направен поради технички причини, за да биде еден збор, како што е на македонски – „Македонско“. Но не треба да заборавиме дека македонскиот јазик нема падежи и во конкретниот случај користи придавка и  именка, додека според природата на албанскиот јазик се користи именка во номинатив плус именка во генитив Така отстранувањето на членот „е“ го скратува и морфолошкото и семантичкото значење. Секој кој го знае албанскиот јазик, штом ќе ја прочита оваа формулација ќе увиди дека нешто не е во ред. Значи, формулацијата: „Македонско државјанство“ на албански јазик мора да биде „Nënshtetësia e Maqedonisë”, (Државјанство на Македонија) – вели универзитетската професорка Ајтене Хајдари – Ќамили.

И универзитетскиот професор Веби Беџети смета дека преводот е погрешен и дека најдобро е да биде во генитив, односно наместо државјанство „Maqedonisë” да биде државјанство „E Maqedonisë” (“На Македонија”).

– Членот Е, го покажува генитивот („Македонија“ – номинатив, „на Македонија“ – генитив). Членот „Е“, во овој случај, не ја оштетува ниту една страна, напротив ги почитува нормите на албанскиот правопис што мора да се почитува од сите Албанци, каде и да се, вклучувајќи ги и албанските пратеници во Собранието на Република Македонија. Оваа варијанта која никако не ја прифати предлагачот, значи Владата, ќе беше најдоброто решение, а коешто ќе ги направеше потполно рамноправни сите граѓани. Заев и Владата (а изненадувачки и албанскиот дел од мнозинството) токму кај зборот „Македонско“ бараше амнестија од противниците на Договорот од Преспа, затоа што со тоа го сочуваа националното битие на држава и на нивната нација, дури и по промената на името – додава Беџети.


Во Босна и Херцеговина ќе може да се патува и само со лична карта


Скопје, 12 март, 2018 - 15:25 (META) 

Владина делегација од Босна и Херцеговина, предводена од претседавачот со Советот на министри, Денис Звиздиќ денеска е во официјална посета на Македонија.

За време на посетата, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Игор Црнадак ја потпишаа Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина, за условите за патување на државјаните на двете земји.

Со потпишувањето на Спогодбата, на граѓаните Република Македонија и Босна и Херцеговина им се овозможува влез во двете држави и со лична карта.


МВР догодина планира да набави две нови машини за пасоши и за лични карти


Скопје, 1 декември, 2017 - 13:54 (META) 

Министерството за внатрешни работи следната година планира да набави две нови машини за изработка на пасоши и на лични карти, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција на која го презентираше делот од државниот буџет за 2018 година, наменет за МВР.

– Во текот на 2018 година, планирана е набавка на две нови машини за изработка и за персонализација на патните исправи, како и набавка на машини за изработка на лични документи. Обезбедени се средства за нивна хардверска и софтверска надградба, што ќе овозможи граѓаните побрзо да ги обезбедат личните докумнти и патни исправи. За ова се одредени 10 милиони евра од буџетот на Министерството за 2018 година – рече Спасовски.

Тој соопшти дека 570 милиони денари се предвидени за нова опрема за специјалните единици, а дел од оваа сума ќе оди и за подобрување на постојната информатичка и телекомуникациска инфраструктура.

Министерот за внатрешни работи рече дека следната година планираат да ги сведат на нула долговите што ги има МВР, кои, според него, сега изнесуваат околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра.

– Со домаќинско работење, ќе се раздолжуваме и ќе ги подобруваме условите за работа во МВР – рече Спасовски.

Инаку, буџетот на МВР за 2018 година е проектиран на 10,2 милијарди денари.

Како што изјави Спасовски, овој буџет е поголем за околу 180 милиони денари од тој за 2017 година.


Омбудсман: Дел од затворениците не гласаа поради истекот на важноста на личните карти


Скопје, 28 октомври, 2017 - 18:18 (META) 

Од канцеларијата на народниот правобранител реагираат дека, како и за гласањето во првиот круг на локалните избори, така и денеска, дел од затворениците не гласале поради истекот на важноста на нивните лични карти.

Советникот на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, рече дека управата на затворот „Идризово“ не води сметка за тоа кога треба да им ги обнови личните карти.

„Кога ќе дојдат на издржување на затворските казни, осудените лица ѝ ги оставаат личните карти на управата. Управата не ги известува кога изминува рокот на личните документи и не им помага да си ги обноват“, вели Билбиловски.

За вториот круг на локалните избори, кој ќе се одржи утре, денеска, од 7 до 19 часот гласаат избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во 13 казнено-поправни установи, избирачко право имаат 939 гласачи.


МВР ќе издава лични карти денеска и утре


Скопје, 28 октомври, 2017 - 11:24 (META) 

Сите одделенија за управни работи на Министерство за внатрешни работи ќе работат денеска и утре, со што граѓаните ќе можат да извадат лични карти, информираат од МВР.

„Сите барања за издавање лична карта (оштетена, изгубена или украдена) по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални одделенија за управни работи при Министерството за внатрешни работи и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа“, се вели во соопштението.

Како што соопшти МВР, барањата за лични карти ќе се примаат и ќе се одобруваат итно, заклучно со денеска до 16.30 часот.

Утре одделенијата за управни работи ќе работат само за издавање лични карти, во периодот од 7 до 19 часот.


МВР ќе издава лични карти в сабота и на денот на гласањето на вториот круг избори


Скопје, 25 октомври, 2017 - 10:38 (META) 

Сите одделенија за управни работи на Министерство за внатрешни работи ќе работат на 28 и на 29 октомври, со што граѓаните и на тие денови ќе можат да извадат лични карти, информираат од МВР.

„Сите барања за издавање лична карта (оштетена, изгубена или украдена) по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални одделенија за управни работи при Министерството за внатрешни работи и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа“, се вели во соопштението.

Како што соопшти МВР, барањата за лични карти ќе се примаат и ќе се одобруваат итно, заклучно со сабота до 16.30 часот.

На денот на изборите, одделенијата за управни работи ќе работат само за издавање лични карти, во периодот од 7 до 19 часот.


МВР денеска и утре ќе издава лични карти


Скопје, 14 октомври, 2017 - 10:58 (META) 

Сите одделенија за управни работи на МВР денеска и утре, на денот на локалните избори, ќе работат и ќе издаваат лични карти на граѓаните.

Сите барања за издавање лична карта (оштетена, изгубена или украдена) по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални одделенија за управни работи при Министерството за внатрешни работи и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа.

Барањата за лични карти ќе се примаат и ќе се одобруваат итно заклучно со денеска попладне до 16.30 часот.

Веднаш по примањето на апликациите за лични карти, одделот за информатика ќе ги изработува и ќе ги доставува до надлежниот сектор за навремена дистрибуција до одделенијата за управни работи.

Утре само ќе се издаваат лични карти од 7 до 19 часот.


МВР ќе издава лични карти в сабота и на денот на изборите


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Одделенијата за управни работи на МВР ќе работат и в сабота и в недела на издавање лични карти на граѓаните, поради локалните избори, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи

„Сите барања за издавање лична карта (поради оштетеување, изгубена или украдена лична карта), по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални одделенија за управни работи при Министерството за внатрешни работи и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа“, стои во соопштението на МВР.

Барањата за лични карти ќе се примаат и ќе се одобруваат итно заклучно со сабота до 16.30 часот. Веднаш по примањето на апликациите за лични карти, одделот за информатика ќе ги изработува и ќе ги доставува до надлежниот сектор за навремена дистрибуција до одделенијата за управни работи.

В недела, на денот на изборите, одделенијата за управни работи ќе работат само за издавање лични карти во периодот од 7 до 19 часот.