Поради блокада на Законот за лични карти во собранието, Заев најави дека е можно на изборите да се гласа со старите документи

Фото: Влада на РСМ

Бифејќи пратениците се на одмор, а новиот Закон за лични карти е блокиран од страна на опозицијата, премиерот најави дека на локалните избори можно е граѓаните на кои им се истечени личните карти да гласаат со старите документи за лична идентификација.

Во овој миг 41.100 е официјалниот број на поднесени барања за издавање нова лична карта поради истечен рок.

Законот е блокиран од опозицијата со повеќе од 1.500 амандмани, а најголемиот дел 1.200 се поднесени од Левица.

Премиерот Зоран Заев порача дека решение за проблемот може да биде изгласувањето на предлог-законот во септември или со донесување соодветни одлуки или правилници да се овозможи гласање со истечени лични карти.

„Законот е блокиран од Левица со амандмани, иако политичката партија БЕСА беше доволно флексибилна амандманот за етничката определба на граѓаните во личните карти да го поднесе со одложено дејство од 2023 година, очекувајќи Европа да се изјасни за ова прашање. За мене ова е флексибилност на една сериозна партија како БЕСА, но Левица одлучи да го блокира законот. За жал поради ваквата блокада трпат граѓаните. Не се издадени преку 40.000 лични карти. Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората работа е министерот за правда, заедно со другите надлежни ресори, да изнајдат начин, директно со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа. Верувам дека ќе се изнајде решение зошто и во минатото сме имале пракса, поради неможност да се издаде нова, да може да се гласа со личната карта со истечен рок. Но, проблемот не е само за изборите. Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки на чии сопственици им е истечен рокот на личната карта па граѓаните не можат да земат пензија, социјална помош и други потреби“, изјави премиерот Зоран Заев.

Кабинетот на претседателот на Собранието информира дека првата седница ќе одржи во периодот од 10 до 15 септември но агендата на закони дополнително ќе биде утврдена.

Новите лични карти треба да бидат со уставното име „Република Северна Македонија“. Старите што се уште важечки, ќе може да се користат до 12 февруари 2024 година.