Компанијата „Аркиа“ заинтересирана за воведување на авиолинија Скопје – Тел Авив


Скопје, 1 ноември, 2017 - 13:32 (META) 

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се сретнал со претставници од авиокомпанијата „Аркиа“ од Израел. На средбата се разговарало за воспоставување на нова линија на релација Скопје -Тел Авив.

Министерот Сугарески ги презентирал можностите и условите што државата ги нуди за авиокомпании заинтересирани да оперираат од домашните аеродроми.

– Тие ги презентираа плановите за ширење на нивната мрежа и во Македонија со воспоставување нова линија. Доколку во наредниот период постигнеме договор, овие планови ќе ги реализираме. Да се надеваме дека тие позитивно ќе одлучат и ќе се воспостави директен лет од Скопје до Тел Авив – изјави Сугарески.

На средбата се разговарало и за придобивките што ќе ги имаат двете земји во однос на зголемување на туризмот, економските односи и на културните врски доколку се воспостави оваа авиолинија.


„Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе лета на релација Атина – Скопје


Атина, 10 октомври, 2017 - 14:46 (META) 

По повеќе од една деценија, најголемиот грчки оператор „Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе ја воспостави авионската линија помеѓу Атина и Скопје во јуни 2018 година, соопштија од грчката компанија.

Потпретседателот на компанијата, Ефтихиос Василакис, вчера го претстави новиот пакет на летови како дел од плановите за проширување на летниот период на „Ејџијан“ за 2018 година, во кој ќе се додадат осумнаесет нови дестинации во неговата мрежа, вклучувајќи ги Скопје, Загреб и Задар.

Превозникот допрва треба да ги пушти во продажба билетите за новата линија во Скопје. Македонскиот главен град беше првата меѓународна дестинација на „Ејџијан ерлајнс“ уште во 2003 година, меѓутоа летовите беа прекинати подоцна, кога односите помеѓу Македонија и Грција се влошија.

Наредното лето „Ејџијан ерлајнс“ од Атина ќе лета до Палермо, Болоња, Малага, Базел, Загреб, Задар, Вилнус, а ќе има и седум нови рути од грчките регионални аеродроми Крф – Москва, Санторини – Тел Авив, Миконос – Тел Авив, Миконос – Бејрут, Родос – Лион, Родос – Бејрут, како и Хераклон – Бејрут.

Соопштението доаѓа по добрите резултати објавени од двата меѓународни аеродроми во Македонија во текот на првите три квартали. Во Скопје и во Охрид патувале вкупно 1.546.193 патници во периодот јануари – септември годинава, што претставува зголемување од 12 отсто во споредба со 2016 година.

Двата аеродрома „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ од јануари до септември, опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за 6 проценти на годишно ниво.


Компанијата „Нордика“ ќе воведе летови од Талин до Охрид


Охрид, 26 септември, 2017 - 14:13 (META) 

Естонскиот авиопревозник „Нордика“ ќе почне да лета на авиолинијата Талин – Охрид – Талин, почнувајќи од 1 јуни 2018 година, најави „ТАВ Македонија“.

– Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето повеќе од 2.500 патници од Естонија ќе слетаат на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Со отворањето на директната авиолинија до Талин, всушност, отвораме еден сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром – изјави генералниот директор  на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Билетите се пуштени во продажба од денеска, со цени кои почнуваат од 99 евра.

Извршниот директор за развој на бизнисот во „Нордика“, Свен Кукемелк, вели дека целта е да пронајдат различни и возбудливи дестинации за одмор на Естонците.

– Многу луѓе ги посетиле Париз и Рим, но Македонија со нејзината фантастична природа и култура дефинитивно вреди да се посети. Кога избираме некоја нова дестинација, многу внимаваме и на тоа патниците преку неа да може да посетат уште неколку други земји во исто време – изјави Кукемелк.

„Нордика“ е националниот авиопревозник на Естонија и нуди голем број летови од Талин до различни европски дестинации. Во соработка со партнерските авиопревозници нуди поврзани летови до повеќе од 140 дестинации во светот.

Талин ќе биде петтата нова дестинација до која ТАВ воведе чартер-лет од охридскиот аеродром во изминатите две години.


„Виз ер“ од денеска со летови од Скопје до Будимпешта


Скопје, 5 април, 2017 - 13:53 (META) 

Компанијата „ТАВ Македонија“ денеска го пречека авионот на „Виз ер“ кој на скопскиот аеродром „Александар Велики“ слета од Будимпешта, одбележувајќи го отворањето на новата рута Будимпешта – Скопје – Будимпешта.

Авиокомпанијата ќе сообраќа двапати неделно, односно секоја среда и недела, со пристигнување на скопскиот аеродром од Будимпешта во 12.25 часот и заминување од Скопје за Будимпешта во 13 часот.

– Воведувањето на оваа линија меѓу Скопје и Будимпешта од страна на „Виз ер“ денеска е важен чекор напред за македонското воздухопловство, бидејќи со ова се исполнува побарувачката на пазарот што остана отворена во изминативе пет години, односно од февруари 2012 година. Очекуваме оваа линија да придонесе за пораст на туризмот, како и за бизнис-размената меѓу двете земји, Македонија и Унгарија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Лани, „Виз ер“ превезе преку еден милион патници на нискотарифните линии од Македонија, што претставува пораст од 27 проценти на годишно ниво.


Директни летови од Охрид до Цирих ќе се воведат од 17 декември


Скопје, 2 декември, 2016 - 13:54 (META) 

Швајцарската авиокомпанијата „Германија флуг АГ“ ќе воведе директни редовни летови од Охрид до Цирих од 17 декември.

Тие се реализираат во соработка со тур-операторот „Ер Приштина“ и билети веќе можат да се резервираат на интернет-страницата www.airprishtina.com.

Според договореното меѓу „ТАВ Аеродроми“ и „Германија флуг АГ“, авиокомпанијата ќе оперира еднаш неделно во зимскиот ред на летање, а бројот на летови ќе се зголеми на двапати во неделата во текот на летото следната година.

– Очекуваме оваа рута да служи како добра врска помеѓу Македонија и Швајцарија, но и да функционира како линк меѓу Германија, особено нејзиниот јужен дел – истакна Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во „ТАВ Аеродроми“.

Во првите 10 месеци од 2016 година, во споредба со истиот период лани, бројот на патници на двата аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е зголемен за 16 отсто и е достигнат вкупен број од 1.534.591 патници.

Во истата временска рамка, од јануари до октомври годинава, бројот на полетувања и на слетувања е зголемен за 11 проценти, односно реализирани се вкупно 14.406 летови.


„ТАВ Македонија“: Аеродромот „Александар Велики“ е отворен и функционира нормално


Скопје, 24 ноември, 2016 - 9:22 (META) 

Аеродромот „Александар Велики“ е отворен и ависообраќајот се одвива нормално по синоќешното одложување на летот од Скопје за Истанбул на „Туркиш ерлајнс“, соопшти „ТАВ Македонија“.

Од компанијата соопштуваат дека вчера, во текот на редовната безбедносна контрола на авионот за вечерниот лет кон Истанбул, бил пронајден оставен мобилен телефон, по што била извршена дополнителна контрола и по неколку часа авионот полетал.

„Поради безбедносните правила на авиокомпанијата и одлуката на капетанот, леталото се врати во позиција на паркирање за да се изврши дополнителна контрола. Ова е стандардна меѓународна процедура што се спроведува во име на безбедноста на леталата и на патниците. Поради неа, летот беше одложен. Откако сите услови беа исполнети, капетанот одлучи да продолжи со летот и авионот во 22.56 часот полета кон Истанбул“, велат од „ТАВ Македонија“.

Со авионот на „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул требало да отпатува и делегација предводена од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Од кабинетот на шефот на државата информираат дека поради безбедносните процедури, претседателот Иванов и членовите на делегацијата не отпатувале за Истанбул, од каде требало да заминат за Мадагаскар на Самит на франкофонијата.


„Виз ер“ воведува нова линија Скопје – Хановер


Скопје, 19 јули, 2016 - 12:27 (META) 

Нова линија Скопје – Хановер со два лета неделно, во вторник и во сабота, ќе воведе најголемата нискобуџетна компанија „Виз ер“ од 1 ноември годинава.

Со воведувањето на овој лет, „Виз ер“ ќе нуди вкупно 25 рути во 11 држави од двата македонски аеродрома, во Скопје и во Охрид, а аеродромот во Хановер е 124. во мрежата на оваа компанија.

Билетите се веќе во продажба на wizzair.com, по цена од 1.199 денари.

 


Откажани утринските и вечерните летови Истанбул – Скопје и Скопје – Истанбул


Скопје, 16 јули, 2016 - 11:02 (META) 

На веб-страницата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, објавено е дека се откажани утринските и попладневните слетувања и полетувања на авионите на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул за Скопје и од Скопје за Истанбул.

Откажан е летот од Скопје за Истанбул ТК 1004 за утрово во 9.25 часот на „Туркиш ерлајнс“, како и слетувањето на авионот од Истанбул за Скопје ТК 1003 најавен за во 8.30 часот.

Откажани се и вечерните летови ТК 1006 во 22.55 минути за Истанбул, како и слетувањето на авионот ТК 1005 од Истанбул за Скопје за во 20 часот.

Авиолиниите за Анталија за денеска и утре, како што стои на веб-страницата на ТАВ- аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, ќе се одвиваат во најавениот авионски распоред.


Oд јуни, „Ер Србија“ трипати неделно ќе лета од Белград за Охрид


Охрид, 17 март, 2016 - 10:46 (META) 

Српската авиокомпанија „Ер Србија“ најави дека од јуни оваа година ќе воведе три сезонски летови неделно на релација Белград – Охрид.

Според информациите што ги соопшти српскиот национален авиопревозник, летовите ќе се реализираат во понеделник, среда и во петок, а патниците ќе летаат со турболесен авион „ATP“ со 66 седишта.

Охридските туристички работници очекуваат нов прилив на гости од Србија, но и од други подрачја, бидејќи поволните конекции им одат во прилог на туристите што спојуваат море и езеро.

„Ер Србија“ ќе го зголеми бројот на летови од Белград кон Дубровник, што ќе ги реализира секојдневно и ќе воведе петти неделен лет кон Пула, а кон Тиват ќе се воведат два дополнителни лета неделно, со што во летната сезона на релацијата Белград – Тиват, ќе има околу 30 повратни летови неделно.


Две ракети со експлозив пронајдени на белградскиот аеродром


Белград, 13 март, 2016 - 13:04 (META) 

На белградскиот меѓународен аеродром „Никола Тесла“ за време на проверката на багаж откриени се две ракети со експлозивно полнење кои биле транспортирани од Бејрут преку Белград и Лондон за американскиот град Портланд, потврди воздухопловната компанија „Ер Србија“.

„Потврдуваме дека карго пратката, која е транспортирана за натамошна дестинација, претходно во текот на денот е идентификувана на белградскиот аеродром, благодарејќи на строгите мерки за безбедносна контрола“, изјавиле за агенцијата Танјуг од „Ер Србија“.

Ракетите кои биле во багажот на редовниот лет Бејрут – Белград требале да бидат пренесени од Бејрут преку Белград и Лондон за Портланд.

Ракетите со должина од 1,5 метар биле во сандаци и имале соодветна документација. Во согласност со стандардната процедура биле истоварени од авионот, но полициските кучиња го надушкале експлозивот. Сандаците биле веднаш издвоени и извршен е увид, а во тек е проверка на документацијата.