По Бренсон, и Џеф Безос одлета во вселената со ракетата Њу Шепард

Фото: Принскрин, Youtube, The Hill

Девет дена по летот на Ричард Бренсон во вселената, најбогатиот човек во светот Џеф Безос го оствари својот лет во вселената со ракетата Њу Шепард. Заедно со неговиот брат Марк Безос, 82-годишната некогашна кандидатка за космонаут Воли Фанк и 18-годишен студент, сите заедно како екипаж полетаа од приватен полигон во пустина во Западен Тексас, јавува Би-би-си.

По патувањето кое траеше 11 минути, сите четири члена на екипажот безбедно се вратија назад на земјата. Ракетата Њу Шепард успеа да одлета 14 километри подалеку, односно да се искачи над 100 километри над површината на Земјината топка, во споредба со летот на Ричард Бренсон.

Безос полета во вселената околу 15 часот по средноевропско време. Покрај неговиот брат, милијардерот со себе ја зеде Воли Фанк, која во 60-тите години од минатиот век го минала тренингот за космонаути на НАСА, но никогаш не можела да ја искористи можноста да лета во вселената. Заедно со најстариот патник во вселената досега, Њу Шепард со себе го понесе и најмладиот патник во историјата – 18-годишниот студент Оливер Даемен.

За денешниот лет во вселената, Џеф Безос само кратко изјави по слетувањето: Најдобриот ден во животот!

Инаку, милијардерите Џеф Безос и Ричард Бренсон покрај пофалбите за оствареното и за идејата за воведување на комерцијални летови во вселената, на социјалните мрежи беа критикувани дека огромните средства што ги вложиле во вселенските летала можеле да бидат искористени за борба со климатските промени или помош на земјите во светот за подобро да се справат со ковид-19 пандемијата.