Почнувајќи од утре, од скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе има директен лет до Женева двапати неделно, во вторник и во сабота. Оваа директна линија се воведува како резултат на соработката меѓу „ТАВ Македонија“ и авиокомпанијата „Свис“ (Swiss).

– Повторното воздушно поврзување на Скопје со Женева, како град познат по своето езеро и по прекрасната природа, но, исто така, и како значајно седиште на многу меѓународни институции од областа на економијата, финансиите и на дипломатијата, нè прави среќни, бидејќи истовремено успеавме да отвориме нова линија и да привлечеме нова авиокомпанија, „Свис“. Новиот лет до Женева е од интерес за патниците од различни категории, а пред сè на македонските иселеници во Швајцарија, како и туристите и бизнис-заедниците од двете држави – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Првиот авион на „Свис“ од Скопје ќе полета за Женева утревечер во 20 часот и 35 минути. Во текот на летото швајцарската авиокомпанија ќе оперира од „Александар Велики“ до Женева и во вторник попладне, кога полетувањата од скопскиот аеродром се закажани за 15.05 часот.

– Постојано ја прошируваме нашата мрежа од Женева. Централна и Источна Европа ни се фокусот на експанзија бидејќи сме убедени дека овој регион како пазар нуди голем потенцијал за развој. Гледаме голем потенцијал во секторот – туризам и рекреација, со оглед на природните убавини кои Македонија ги нуди, како што се Охридското Езеро и градот Скопје со својата културна и историска понуда – истакна Бернард Водл, директор на „Свис“ за Австрија и за Централна и за Источна Европа.