Петиција во Словачка против тенковите на моторџиите „Ноќни волци“


Братислава, 6 август, 2018 - 9:48 (META) 

Повеќе од 200 истакнати имиња од Словачка ја потпишале досега петицијата со која се бара од премиерот Петер Пелегрини да преземе мерки за растурање на кампот на моторџиската група „Ноќни волци“, која има свои ограноци во многу земји, а е основана во Русија и ужива сесрдна поддршка од рускиот претседател Владимир Путин.

Петицијата беше покрената откако преку снимки се дозна дека се дозна дека во логорот на „Ноќни волци“ во Долна Крупа, на околу 65 километри североисточно од главниот град Братислава, има тенкови, оклопни возила и противавионски топови.


Лицата со попреченост четврти пат ќе кампуваат пред Собрание


Скопје, 20 јули, 2017 - 13:49 (META) 

Лицата со посебни потреби и нивните семејства од денеска во 22 јули четврти пат ќе ги постават своите шатори во паркот Жена –  борец, спроти Собранието.

Граѓанската иницијатива „Пет до дванаесет“ ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на нивните права.

„Со Вашето присуство на настанот, сите заедно ќе покажеме колку нè има и ќе докажеме дека не отстапуваме од нашите ставови, сè до конечно исполнување на нашите барања“, велат од иницијатавата.

Од „Пет до дванаесет“ ги повикуваат одговорните во Собранието и новата Влада, да ја дадат поддршката за изедначување на правата на лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби.

Лицата со попреченост и минатиот месец со шатори кампуваа во паркот спроти Собранието и се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот за заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост– изјави Царовска, која им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

Граѓанските здруженија бараат отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.


Деца со посебни потреби и нивните родители ќе кампуваат и ќе протестираат пред Собранието


Штип, 18 април, 2017 - 17:06 (META) 

Додека пратениците „бистрат“ политика во Собранието на Република Македонија, надвор, во паркот Жена – борец, деца со посебни потреби и нивните родители в четврток ќе распнат шатори. Планираат да кампуваат три дена, за на политичарите да им покажат што сè им стои за решавање.

Родителите од здружението „Сплотени срца“ на денешната прес-конференција во Штип рекоа дека сакаат да бидат видливи за политичарите со нивните секојдневни проблеми. Потребата од квалитетна терапија и од испитувања, стручен кадар кој ќе им помогне во грижата за нивните деца, до сместувањето за повозрасната категорија на деца со посебни потреби, се само дел од проблемите кои не се соодветно решени.

Зоран Мијалков, претседател на ова здружение, вели дека не сака да му се даде политичка конотација на протестот бидејќи, според него, нивните проблеми немаат никаква врска со која било политичка партија. Мијалков вели  дека ги споила заедничката мака и се повикуваат на совеста на пратениците.

Шаторите ќе бидат поставени задутре, четврток, околу 9 часот, а потоа симболично во пет до дванаесет ќе одржат прес-конференција.

Родителите и децата со посебни потреби ќе кампуваат секој месец од 21. до 23., сè до исполнувањето на барањата.


Во Прешево бегалците добиваат само чај и супа, нема повеќе храна


Прешево, 19 декември, 2016 - 18:06 (META) 

Во Прифатниот центар за мигранти и бегалци во Прешево, каде во последниот месец престојуваат помеѓу 700 и 1.000 лица, од крајот на ноември поради недостиг од продукти, не се дели храна туку само топли чаеви и супа.

Секретарот на Црвен крст во Прешево, Ахмети Халими рече денеска дека мигрантите во тој прифатен центар пред дваесетина дена добивале по еден пакет сува храна дневно по лице, но од крајот на ноември и тоа е укинато.

Халими рече дека Црвен крст веќе нема прецизни податоци за бројот на мигранти кои моментално се сместени во Прешево затоа што тие податоци претходно биле добивани на основа на оние кои земале пакети сува храна.

Прифатниот центар во Прешево е прв од таков вид кој е отворен во Србија и низ него досега поминале повеќе од 700.000 мигранти. Освен чаеви и супи на бегалците и на мигрантите таму им е обезбедено сместување и услови за одржување хигиена.


Протести во бегалскиот камп на Хиос


Атина, 19 декември, 2016 - 12:57 (META) 

Бегалците и мигрантите во кампот Суда на островот Хиос денеска повторно протестираат, вознемирени од информацијата за нивно масовно депортирање во Турција. Како што јавуваат локалните медиуми, низ кампот се појавила информација дека за две недели грчките власти ќе почнат да ги враќаат во Турција луѓето кои се сместени во Суда, а чии барања за азил се одбиени.

Во кампот од утрово владее вознемиреност и демонстрации, кои се поттикнати и од мизерните услови за живот. Бегалците протестираат со транспаренти на кои пишува „Ние сме луѓе, а не животни“ и „Вратете ни ја слободата“, а стотина лица почнаа и штрајк со глад.

Веќе неколку дена во бегалскиот камп нема струја и греење, иако температурата е ниска, а од вчера нема ни вода. Бегалците бараат властите да го отстранат проблемот бидејќи во кампот има и огромен број деца.

Исклучувањето на водата и на струјата само дополнително ги вознемири бегалците дека тоа можеби е знак дека ќе се пристапи кон масовно враќање во Турција.

Последните неколку дена речиси и да не пристигнуваат нови бегалци на Хиос, каде има повеќе од 5.000 бегалци. Во целата држава, според официјалните бројки на грчката влада, има 62.455 бегалци.


Во Париз се евакуираат 3.000 мигранти од предградие


Париз, 4 ноември, 2016 - 11:57 (META) 

Париските власти денеска почнаа евакуација на околу 3.000 мигранти од шаторскиот камп под железничкиот мост на северозападот на француската престолнина, каде се населија голем број луѓе откако минатата недела беше затворен кампот во крајбрежниот град Кале.

Полицијата ја почнала евакуацијата утринава во пет часот, а светските медиуми јавуваат дека мирно се одвива дислоцирањето на мигрантите кои се наоѓаат во близина на каналот Сен-Мартен под накривениот мост за метро во квартот Стаљинград.

Портпаролката на париската преферктура рече дека мигрантите, од кои повеќето потекнуваат во земји разорени од војна, како што се Авганистан и Судан, со автобуси ќе бидат сместени во парискиот регион, каде ќе можат да поднесат барање за азил.
На локацијата се распоредени околу 600 полицајци.


Оланд најави дислокација на дивиот бегалски камп во Париз


Париз, 29 октомври, 2016 - 17:21 (META) 

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека ќе го дислоцира дивиот бегалски камп, што го поставија илегални мигранти во северозападниот дел на Париз.

– Го отстранивме илегалниот бегалски камп во Кале и планираме да спроведеме слична операција и да го дислоцираме и кампот во Париз. Нема да дозволам илегални кампови во Франција – истакна Оланд при посетата на центарот за прием на мигранти во западниот департман Мен ет Лоар.

Тој додаде дека Франција ќе обезбеди 9.000 места и дека мигрантите од дивиот камп во Париз ќе бидат пренесени во официјални прифатни центри во различни француски региони.


Бројот на мигранти во Париз е драстично зголемен поради затворањето на Џунгла


Париз, 28 октомври, 2016 - 19:07 (META) 

Бројот на мигранти кои спијат на улиците на Париз е зголемен за една третина откако е отстранет мигрантскиот камп Џунгла во пристанишниот град Кале.

На булеварите и во каналите во североисточниот дел на Париз поставени се неколку стотини шатори во кои спијат мигрантите.

Заменичката на градоначалникот на Париз, Коломб Бросел, изјавила дека присуството на мигранти на улиците на претстолнината не е ништо ново, но нивниот број значително се зголемил од почетокот на неделата, кога беше затворен кампот.

– Забележан е зголемен број на шатори, поставени се околу 50 нови. Сега, вкупно има околу 750 шатори – изјавила Бросел, додавајќи дека тоа значи дека околу 2.000 до 2.500 луѓе спијат во североисточната област на Париз.

Француските власти го отстранија кампот Џунгла во Кале на почетокот на оваа недела, а повеќе од 6.000 мигранти префрлени се низ целата територија на Франција.


Евроамбасадорот Жбогар ги посети бегалците во кампот кај Гевгелија


Гевгелија, 16 септември, 2016 - 20:30 (META) 

Амбасадорот на Европска Унија во Македонија, Самуел Жбогар денеска ги посети бегалците кои се сместени во транзитниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија.

Тој изрази задоволство што ЕУ соработува со владата, институциите и со Општина Гевгелија за справување со мигрантската криза.

„Како што веќе ви е познато, пред два дена претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер рече дека во следните 12 месеци Европската комисија ќе има три приоритети, а еден од нив е прашањето со мигрантите и во вашата земја. Во моментов имаме 166 странски полициски граничари кои им помагаат на вашата полиција и досега  ЕУ има дадено 14 милиони евра помош,“ изјави Жбогар.

Амбасадорот на ЕУ најави дека ваквата поддршка и соработка со македонските институции ќе продолжи и во иднина.


Германска помош за обезбедување на бугарската граница од напливот на мигранти


Софија, 12 септември, 2016 - 10:53 (META) 

Бугарија чека помош од Германија за да се справи со илегалните мигранти. Во план е да се изградат кампови во близина на пограничните реони, а се очекува осум џипови да пристигнат од Германија. Ова го изјави бугарската министерка за внатрешни работи, Румјана Бачварова, по нејзината посета на јужната граница, каде што е поставена ограда.

Новите машини за изградба на камповите треба да пристигнат во ноември, а нив лично ги ветила германската канцеларка Ангела Меркел. Освен тоа, Бугарија ќе добие и камери и автобуси.

За неколку дена треба да пристигнат џиповите кои се стари, но во добра состојба. Дел од британските џипови, испратени од поранешниот премиер на Велика Британија, Дејвид Камерон, во мај оваа година, веќе се оштетени.

Министерката Бачварова вети дека Бугарија ќе се обиде да се справи со кризата преку постоечките бегалски центри и потврди дека не е планирана изградба на нови.

Таа истакна дека во споредба со минатата година, бројот на мигранти што ја поминале бугарско-турската граница се зголемил за 30 отсто.