Правење на музика со луѓе што не ги познаваш – во тек е музички камп во Битола

За време на нивниот престој, учесниците од европските земји имаат можност да ја запознаат Битола и македонската култура

фото: Младински културен центар - Битола

Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ Битола) информираше дека е домаќин на музички камп на кој учествуваат 25 млади луѓе од Северна Македонија, Белгија, Шпанија, Германија и Холандија. Кампот започна на 1 јули, а ќе заврши во понеделник, на 10 јули.

Ова е прва едукативна активност во рамките на проектот „Европска караван мрежа“ кој е финансиран од програмата Еразмус+ од Белгиската национална агенција, соопштија од МКЦ Битола.

„Младите луѓе се вклучени во креативен процес на развој на нови мелодии инспирирани од глобалните звуци на мултиетничките заедници – од реге преку румба каталана, традиционални македонски народни песни, латино мелодии и ромски ритми. Младите ќе го кренат својот глас, за да бидат чуени“, велат од МКЦ Битола.

Од таму информираат дека младите разменуваат искуства и учат за промоција на музички настани преку користење на нови иновативни алатки на социјалните мрежи ТикТок, Инстаграм, Фејсбук и Твитер.

Покрај тоа, за време на нивниот престој учесниците имаат можност и да ја запознаат Битола и македонската култура.

Финалниот перформанс со резултатите од десетдневната креативна работа ќе биде изведен во недела, на 9 јули на летната сцена на МКЦ Битола со почеток во 20 часот и 30 минути.