Во Охрид започна вакцинацијата против сезонски грип


Охрид, 5 ноември, 2018 - 15:46 (META) 

Во Центарот за јавно здравје Охрид од утринава веќе започна вакцинацијата против сезонски грип. Од Центарот информираат дека набавени се вкупно 4.000 дози вакцини.

Објаснуваат дека станува збор за четиривалентна најнова вакцина против грип, од холандско и француско потекло која штити од четири видови инфлуенца и е според препораките на Светската здравствена организација.

Првиот човек на центарот, Сашо Точков вели дека од оваа година категоријата граѓани кои се постари од 65 години, а имаат пензија пониска од 14.480 денари или воопшто да не примаат пензија, вакцината ќе ја добијат бесплатно. Претходно овие лица ќе мора преку својот матичен лекар и системот „Мој термин“ да закажат термин за имунизација, да добијат упат, па потоа дојдат во центарот и да се вакцинираат.

За сите останати вакцината чини 650 денари. Имунизацијата се врши во просториите на Центарот за јавно здравје и во подрачните единици, секој работен ден од 08 до 14 часот.


Почнува вакцинацијата против сезонски грип


Скопје, 5 ноември, 2018 - 10:04 (META) 

Во сите Центри за јавно здравје во земјава денеска почнува вакцинацијата против сезонски грип. Годинава обезбедени се 41.000 дози вакцини, од кои 28.000 се наменети за лицата над 65 години што немаат пензија или пензијата што ја добиваат е пониска од 14.480 денари.

Како што вчера соопшти министерот за здравство Венко Филипче, вакцината е квалитетна и според светските стандарди.

– Набавивме четиривалентна вакцина, која е најнова, висококвалитетна, и заштитува од четири видови на инфлуенца и истата е според препораките на Светската здравствена организација (СЗО и Европската медицинска агенција. Вакцините се набавени од француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“. Вакцинацијата не е задолжителна, но ја препорачуваме за лица над 65 години, како и за другите со хронични болести, но и здравствени работници и други лица во здравствен ризик – потенцираше Филипче.

Лицата постари од 65 години што припаѓаат на погоре наведените категории, со чек од пензијата треба да појдат кај својот матичен лекар, кој ќе им закаже вакцинирање во некој од центрите за јавно здравје. Лицата во оваа старосна категорија што не добиваат пензија, ќе можат да се вакцинираат со потврда од ПИОМ.

Сите останати лица што сакаат да се вакцинираат против сезонски грип, тоа може да го направат по цена од 650 денари во центрите за јавно здравје.


Намален бројот на заболени од грип, изминатата недела регистрирани 2.781 случаи


Скопје, 9 март, 2018 - 13:26 (META) 

Во текот на изминатата недела во земјава е регистриран 2.781 заболен од грип, што е намалување за 35 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 4.258 заболени лица, стои во извештајот што на својата веб-страница го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени во деветтата недела од годинава е зголемен за 18 пати.

Како што наведуваат од Институт за јавно здравје, во наредниот период се очекува постепено намалување на нивото на активност на вирусот на грип.


Минатата недела имало 1.085 новозаболени од грип


Скопје, 1 февруари, 2018 - 12:58 (META) 

Од 22 до 28 јануари  пријавени се 1.085 новозаболени од грип, што е зголемување за 70 проценти во споредба со претходната недела кога биле регистрирани 637 заболени лица, информираат од Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона, кога биле регистрирани 1.919 случаи, постои намалување на бројот на заболени во четвртата недела од јануари за девет отсто.

Најголем број од заболените се на возрасна група од 15-64 години. Од Институтот за јавно здравје велат дека пикот со грипот ќе се достигне во следните недели.


Вакцинацијата против грип ќе почне в среда


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:06 (META) 

Вакцинацијата против грип ќе почне в среда (18 октомври) и ќе се врши во центрите за јавно здравје и во нивните подрачни единици на територијата на целата држава, информираат од Министерство за здравство.

„Вакцината е подготвена во согласност со препораките на СЗО и штити од два типа вируси од групата A и од еден тип вирус од групата Б, а производител е „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата над 65 години, особено хронично болните лица, мали деца под три години со намален имунитет, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и со респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет“, се вели во сооопштението на Министерство за здравство.

Оттаму велат дека вакцината против грип е незадолжителна и се дава на доброволна база. Цената на вакцинацијата е 400 денари, исто како и минатите години.


За половина намален бројот на заболени од грип


Скопје, 26 јануари, 2017 - 16:14 (META) 

Во текот на третата недела од јануари, пријавени се 2.417 новозаболени лица од грип, што претставува намалување од 55,8 проценти во споредба со втората недела (од 9 до 15 јануари), кога беа пријавени 5.472 случаи, информира Институтот за јавно здравје за состојбата со грипот до 22 јануари.

Во истиот период, бројот на регистрирани случаи кај децата до 14 години е намален за три пати.

Најголем број заболени (71,8 проценти) се пријавени во најголемата возрасна група, од 15 до 64 години, а најмал број на заболени има кај децата до 4 години.

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип изнесува 31.732 лица, а има два смртни случаи поради грип.


Завршува продолжениот зимски распуст, учениците од утре на настава


Скопје, 22 јануари, 2017 - 11:48 (META) 

Завршува зимскиот распуст и од утре почнува второто полугодие од учебната 2016/2017 година за околу 270.000 ученици, од кои 188.000 основци и 80.000 средношколци.

Зимскиот распуст беше продолжен за два дополнителни дена, односно 18 и 20 јануари, со одлука на Министерството за образование и наука, а по препорака на Комисијата за заразни болести и на Министерството за здравство, како превентивна мерка за да се избегне ширењето на грипот. Двата дополнителни дена од распустот, како што претходно соопшти заменик-министерот за образование и наука, Спиро Рсистовски, ќе бидат одработени во сабота, најверојатно во март и во април.

Од наредниот понеделник, на 30 јануари, ќе почне екстерното тестирање на 18.600 матуранти, кое ќе трае до 3 февруари 2017 година.


СДСМ: Не е доволно продолжувањето на распустот на учениците за неколку дена


Скопје, 15 јануари, 2017 - 14:05 (META) 

Македонија е прва по болни од грип во Европа, факт кој го дознавме од Светската здравствена организација, бидејќи оваа власт во заминување тоа го сокри од граѓаните, изјави на прес-конференција Злате Мехмедовиќ, член на комисијата за здравство на СДСМ.

– Не е испочитувана препораката на Светската здравствена организација, да се вакцинираат 75 проценти од старите лица, како и лицата кои спаѓаат во приоритетните ризични групи. Според официјални податоци од Институтот за јавно здравје, во земјава набавени се 10 пати помалку вакцини од потребите на граѓаните. Вакцинирани се само 7,7 проценти од лицата на возраст над 65 години и иако децата најчесто заболуваат, вакцинирани се само 10 деца на возраст до 5 години – вели Мехмедовиќ.

Според Мехмедовиќ, не е доволно продолжувањето на распустот на учениците за неколку дена со оглед дека, како што рече, епидемиолозите предупредиле дека пикот на грипот може да се очекува во февруари.

Од СДСМ велат дека ќе воведат бесплатно болничко лекување за сите, ќе ја зајакнат превентивната здравствена заштита во секоја смисла и ќе ги почитуваат сите светски практики за квалитетна здравствена заштита.


Поради грипот, распустот на учениците продолжен до 23 јануари


Скопје, 12 јануари, 2017 - 18:11 (META) 

Распустот за учениците ќе биде продолжен до 23 јануари, односно наместо на 18, второто полугодие од оваа учебна година ќе почне на 23 јануари. Ова денеска го соопшти министерот за здравство, Никола Тодоров, како една од мерките за намалување на ширењето на грипот во земјава.

Покрај продолжувањето на распустот, како мерки се предвидени и секојдневна дезинфекција на автобусите во јавниот градски превоз во Скопје и во другите градови со организиран јавен превоз, како и темелна дезинфекција на училиштата пред почетокот на второто полугодие од учебната година.
­
– Прифативме мерка да се продолжи зимскиот распуст до 23 јануари, односно второто полугодие, наместо на 18 јануари, како што беше предвидено, да почне на 23 јануари. Оваа мерка е повеќе од потребна имајќи ја предвид тенденцијата на намалување на бројот на заболени од грип кај децата до 14 години во време на распустот – рече министерот за здравство на денешната прес-конференција, заедно со членови на Комисијата за заразни болести.

Инаку, според извештајот на Институтот за јавно здравје, за состојбата со грипот за периодот од 1 до 8 јануари, објавен денеска, во текот на оваа недела регистрирани се два смртни случаи поврзани со грип. Станува збор за деца на возраст од три и од четири години од Кичево и од Гостивар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести во Скопје, на одделот за интензивна нега.


Две деца неделава починале од грип, соопшти ИЈЗ


Скопје, 12 јануари, 2017 - 13:49 (META) 

Во текот на оваа недела регистрирани се два смртни случаи „асоцирани со грип“, соопшти денеска Институтот за јавно здравје на Република Македонија, кој го презентираше извештајот за состојбата со грипот во период од 1 до 8 јануари.

Според извештајот, станува збор за деца на возраст од три и од четири години од Кичево и од Гостивар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести во Скопје, на одделот за интензивна нега.

„Во текот на првата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 8.067 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што претставува намалување од 14,9 отсто во споредба со претходната недела, кога беа пријавени 9.485 случаи“, се наведува во извештајот.

Оваа недела, како и минатата, најголем број заболени, односно 1.046 лица, се регистрирани на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје, а поголем број случаи пријавени се од центрите за јавно здравје Струмица -­ 935, Битола ­- 932 и подрачната единица во Кавадарци ­- 764.

Во првата недела од годинава, најголем број заболени, односно 70,4 отсто од сите случаи, се пријавени во најголемата возрасна група од 15­ до 64 години, што претставува мало зголемување на процентуалното учество од претходната недела, кога изнесуваше 65,9 отсто. Во пријавените случаи од првата недела, децата на возраст од 5 до ­14 години учествуваат со 11,7 отсто, лицата над 65 години со 10,7 отсто, а најмал процент отпаѓа на децата од ­4 години, односно 7,2 отсто.

„Највисока инциденца од 500 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од ­четири години, a кај децата на возраст од пет­ до 14 години инциденцата изнесува 408,7 на 100.000 жители. Во однос на претходната недела, бројот на регистрирани случаи и инциденцата кај децата на возраст од 5 до ­14 години се речиси двојно намалени“, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија.