Фото: CDC на Unsplash.com

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Извесен број грчки портали објавиле информација дека според истражувањата на Пентагон, вакцинирањето против сезонски грип го зголемувал за 36 отсто ризикот да се заразите со новиот корона вирус (SARS-CoV-2). Тоа е дезинформација, утврдил грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr по анализата на тврдењата во грчките онлајн-медиуми.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите пишува дека досега не е извршена ниту една научна студија што открила поврзаност меѓу вакцината за грип и ризикот за заразување со новиот корона вирус.

Студијата, пак, што се наведува како доказ за погоре кажаното е дел од студија спроведена во 2019 година од Одделот за здравствена контрола при Оружените сили на САД, со која се испитувала хипотезата дека вакцината против грип може да го зголеми ризикот од заразување со други респираторни болести. Но резултатите, за разлика од напишаното во грчките медиуми, не открила никакви докази за поврзаност на вакцината против грип со други вирусни инфекции.